Додека на вработените им доцнат платите, директорите на јавните претпријатија своите плати ги зголемиле за 10.000 денари, велат од општинската СДСМ, каде денес се одржа прес конференција во врска со вчера дадениот отчет на градоначалникот Никола Бакрачески за сработеното во изминатиот период.

Жаклина Лазареска од СДСМ праша дали во дадениот отчет, во кој е прикажано дека за потребите на јавните претпријатија се издвоени над 5 милиони денари, во износот се вкалкулирани и зголемените плати на директорите.

Вработените работат за плата не поголема од 15.000 денари, а имаме сознанија дека директорите преку ноќ си донеле одлука, преку нивните управни одбори, да ги зголемат платите за 10.000 и сега им изнесуваат над 46. 000 денари, наводно поради големиот обем на работа и квалитетно сработени задачи, рече Лазареска. Таа додаде дека во јавните претпријатија голем број од вработените одат на принуден одмор и земаат 70% од платата, а истовремено на нивните места се вработуваат членови на владеачаката партија кои се без соодветно знаење и искуство.

Лазареска во однос на вчера одржаниот настан кажа дека личел на се, но не на давање отчет за сработеното.

Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ не се грижат за охриѓани и нивните потреби, туку исклучиво за бизнис интересите и тендер политиките на бандата на Никола Груевски. Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ не реализираа ни 1% од приоритетните проекти што им ги ветија на охриѓани, рече Лазареска.
 
Таа потсети дека во Охрид ги нема ветениот затворен пазар, домот за стари лица, дека наместо индустриска зона во Мауцхер, има голема депонија на која се складира градежен шут и ѓубриште од целиот град, дека нема ни откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи, индустриска зона Охрид-Струга, модерна автобуска станица.

Граѓаните сеуште пијат вода од азбестни цефки, а Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ се расфрлаат со народни пари за реновирање на кејот којшто се наоѓа во добра состојба. Граѓаните возат по руинирани улици, а Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ расипнички ги трошат парите на граѓаните  за луксузни возила. Во отчетот Бакрачески не кажа кредитот со кој наводно требаше целосно да ја реконструира инфраструктурата на улиците „Питу Гули“ и „Ристо Чадо.“ Бакрачески не кажа ниту за тоа на која начин се донесуваат урбанистички планови за задоволување на бизнис апетитите на поединци. Не кажа ниту за економски нелогична зделка, за одржување на јавното осветлување во Охрид, според која општината се откажува од приходи во буџетот во наредните години и тоа во износ што надминува 5 милиони евра, додаде Лазареска.

Како што рече Лазареска, Бакрачески освен што ги задолжил охриѓани со кредити, дополнително, го оставил градот без атрактивното земјиште, со нерешени урбанистички планови, со училишта без основни услови за работа и дека поради “дил ориентед“ политиките на Никола Груевски и виртуелните проекти, Охрид е на првото место по бројот на иселени млади луѓе.

OhridNews