Законот за основно образование што го усвои Собранието е прогресивен и по сите европски стандарди и обезбедува квалитетни реформи во воспитно – образовниот процес, истакна на прес конференција пратеничката на СДСМ од Охрид Жаклина Лазаревска. Според неа за разлика од досегашниот Закон, новото законско решение нуди квалитет и во образовниот и во образовниот и воспитниот процес, како и целосна инклузија на децата.

Обезбедуваме образование ослободено од дискриминација и во согласност на заложбите за еднакво општество за сите. Се намалува бројот на учениците во паралелките, кои сега ќе бројат меѓу 20 и 30 ученици. Тоа овозможува простор за наставникот да има поголема интеракција со учениците и на секое дете да му посвети поголемо внимание, како образовно така и воспитно. Создаваме услови за организирање на учениците во заедница на паралеки, со што ги мотивираме на активизам и самите преку ученички парламент и ученички правобранител да учествуваат во креирањето на училишните политики. – рече Лазаревска.

Сите паметиме какви стресови децата доживуваа со екстерното тестирање. Сега тоа веќе го нема, а децата се позитивно насочени и ќе се гледа нивниот квалитет, а најдобрите ќе бидат наградени, додаде Лазаревска.

Фокус е ставен и на процесот на инклузија бидејќи навистина се залагаме за еднакво општество за сите. Со конкретни иницијативи и ресурси од Владата, но и со поддршка од УНИЦЕФ, ОЕЦД и другите наши пријатели ќе се направат можности за инклузија на одредена категорија лица со посебни потреби во образовните институции, при што како краен рок ја зададовме учебната 2022 – 2023 година. – истакна Лазаревска.

Лазаревска изрази уверување дека овој Закон за основно образование ќе придонесе за градење на здрава и образована младина и просперитетно општество.

OhridNews