Одговорните политики на СДСМ кои значат инвестирање во човечкиот капитал даваат конкретни и видливи резултати, рече на денешната прес конференција пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска. Потенцира дека има пораст на платите во јавниот и во приватниот сектор, при што минималната плата е покачена на 14.500 денари, што е за 60 отсто повеќе во однос на 2017 година кога таа изнесувала само 9.000 денари.

  • Од јануари оваа година за 10 отсто ги зголемивме платите во образованието. Над 32.000 граѓани вработени во основното, средното и високото образование добиваат значително повисоки плати. Со ова последно покачување, вкупното зголемување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, изнесува кумулативно скоро 21% имајќи ги предвид претходните две покачувања за само една година. Значително пораснаа и платите во социјалната и детската заштита, рече Лазаревска.

Лазаревска потсети и на зголемувањето на платите на социјалните работници и воспитувачите, за 4.363 денари по вработен, односно за 3.000 денари.

  • Растот на платите продолжува. Веќе од февруари значително се зголемуваат платите во здравството. Лекарите специјалисти, медицинските сестри и техничкиот персонал добиваат ново зголемување на платите. Со мерките што ги спроведуваме обезбедуваме раст на платите во приватниот сектор. Субвенционирањето на придонесите од задолжителното осигурување за компаниите кои ќе ги покачат платите до 6.000 денари досега го искористија над 20.000 компании или вкупно 106.000 вработени во приватниот сектор. Воведовме и младински додаток на плата од 3.000 денари за млади до 23 години вработени во производство, рече пратеничката, потенцирајќи дека со преземените мерки се подобрува животниот стандард на граѓаните.

OhridNews