„Градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ постојано изјавуваат дека општинската администрација во Охрид е неефикасна и пренатрупана, а сепак континуирано вработуваат нови партиски војници. Токму за време на новогодишните и божиќните празници течеше рок за пријавување на конкурс за 10 нови вработувања во општинската администрација во Охрид“. Ова го истакна советничката Жаклина Лазаревска, на денешната прес конференција во општинската организација на СДСМ во Охрид.
Таа потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески не реализирале ниту еден од ветените капитални проекти за Охрид, а немаат ниту капацитет да организираат ефикасна и професионална општинска администрација.
-Според информациите со коишто располагаме, во општина Охрид има луѓе кои повеќе од една година незаконски раководат со сектори и одделенија без регулиран статус на државни службеници. Дел пак од советниците на ВМРО-ДПМНЕ раководат со одредени општински служби. Истите тие луѓе кои учествуваат во донесувањето на одлуките на Советот на општина Охрид се инволвирани и во нивното извршување. Ова не само што е пример за класичен конфликт на интереси туку е и спротивно на законите, нагласи Лазаревска.
Таа запраша зошто градоначалникот Бакрачески не ги користи постоечките кадровски потенцијали во општината и јавните претпријатија туку само ја оптоварува општинската каса со непотребни нови вработувања на партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ. Таа посочи дека во новиот буџет за 2015 на конто плати за администрација има зголемување за 13,2 милиони денари.
OhridNews












