Селекторот и капитенот на македонската ракометна репрезентација, Звонко Шундовски и Кире Лазаров, не го криеја задоволството од победата над Швајцарија од 30:24, со која националниот тим ги започна квалификациите за пласман на Европското првенство во Данска.


Македонија, против Швајцарија, 45 минути, беше супериорна во сите елементи на играта, кога стигна до предност од 25:12, но во последните 15 минути му дозволија на противникот да избори пристоен пораз.


Вакви опуштања не смее да ни се случуваат во иднина, едногласни беа Шундовски и Лазаров.

„Максимално сериозно се подготвивме за овој натпревар и извојувавме лесна победа. Ги исполнивме задачите и дојдовме до резултатот што го посакувавме. Ме радува што имавме многу расположени играчи, иако игравме без Борко, Наумче и во поголемиот дел од второто полувреме Миркуловски. Кога ќе се комплетираме ќе бидеме многу посилни“, рече капитенот Лазаров.


Следниот натпревар во квалификациите Македонија ќе го одигра во недела, на 4. ноември кога ќе гостува во Португалија.

Ohridnews
“Макфакс“