Најдобриот стрелец на тековното Европско првенство во ракомет, капитенот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров, во интервју за „Б92“ вели дека денешниот дуел меѓу Македонија и Србија ќе биде вистински спектакл за сите, особено за навивачите.
„Очекувам извонредна атмосфера против Србија. Ќе бидат 10 илјади наши против 10 илјади српски навивачи, па ќе можеме на светот да му покажеме како се игра ракомет на просторите на поранешна Југославија, како се навива за својот тим и како се сака татковината“, вели Лазаров.
Македонија, секако е најпријатното изненадување на првенството, нашите репрезентативци никој не ги надигра, иако за ривали ги имаа Данска, Шведска и Германија.
„Немаме доволен фонд квалитетни играчи и ни се случува во второто полувреме да паднеме во играта. Играме фантастично 35 или 40 минути, водиме на полувремето, тоа за нас се некои нови моменти. Сево ова што ни се случува е неверојатно, но убеден сум дека можеме да продолжиме да играме со висок интензитет“, нагласи Лазаров.
Најдобриот македонски ракометар со 43 голови е најефикасен на Еуро 2012, му недостигаат уште 14 за да го надмине рекордот на Стефансон и Ловгрен.
„Играме за Македонија, за навивачите, и тоа не може да се спореди со настапите за клубот каде што заработуваш плата. Како пример ќе го наведам мојот клуб Атлетико Мадрид, кој има богат сопственик и кој освојува трофеи, тоа не може да се спореди со она што ние го правиме на ЕП во Србија. На секој натпревар го даваме максимумот, и тоа ни дава сила рамноправно да се носиме со ракометните велесили.“
Лазаров анализира и какви се шансите на Македонија за пласман во полуфиналето.
„Не одлучуваме само ние. Оние екипи кои се тивки, не ветуваат премногу пред почетокот, секогаш се најдобри, оние кои најавуваат медал – редовно минуваат лошо. Ние ќе одиме натаму, без притисок, малку ќе се одмориме и ќе продолжиме со натпреварувањето“, порача Лазаров.
Натпреварот Македонија – Србија во Белградска Арена ќе започне во 20:15 часот.
“Макфакс“
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com