Капитенот на ракометната репрезентација Кирил Лазаров немеше време за одмор и само што пристигна во Македонија, веднаш замина за Пореч, Хрватска да и се приклучи на македонската фаланга во подготовките за престојното Светско првенство во Шпанија.


Македонија во групата Б се наоѓа со Катар, Чиле, Данска, Русија и Исланд, а Лазаров истакнува дека во сите натпревари од групната фаза мора да се влезе како да се последни. За македонскиот бомбардер одличен пласман на мундијалот би бил подобрување на пласманот од 11 место изборено на мундијалот пред четири години во Хрватска.


– Секој пласман подобар од 11-то место, кое го освоивме на СП во Хрватска, за мене би претставувало голем успех. А за да успееме во оваа намера, тогаш секој натпревар треба да го сфатиме како последен, без разлика дали играме со Катар, Чиле или со Франција и од првата минута да одиме на победа. Со други зборови, не смееме да си дозволиме опуштање, бидејќи го немаме тој квалитет, како некои репрезентации, па да можеме кога сакаме да ја креваме формата – рече македонскиот репрезентативец Кирил Лазаров.


Играта и формата на репрезентативците е променлива. Лесно и убедливо ја совладаа Австрија во баражот за мундијалот. Истата слика се повтори против Швајцарија, но потоа следуваше голем удар за репрезентацијата и пораз од Португалија седум разлика.


– Против Австрија имавме успешен настап, потоа се залетавме против Швајцарија, мислејќи дека ќе биде многу полесно отколку постигнатото, иако победивме, а потоа ни се случи Португалија, каде што доживеавме убедлив пораз. Македонија варира со својата игра. Уште во нашите умови се врти од тоа дека сме многу добри до тоа дека сме многу слаби, односно немаме една константност на теренот. Тие играчки амплитуди во иднина мораме да ги намалиме – истакна за “Нова Македонија“ капитенот на репрезентација Кирил Лазаров.

Системот на игра на мундијалот во Шпанија ќе биде различен од вообичаениот кој се негуваше до Светскиот собир во Хрватска. На СП во Шпанија има само една групна фаза, и веднаш потоа се влегува во нокаут мечевите односно осминафинале.

Мх.П.