Македонија првите бодови во втората фаза на Европското првенство ќе ги брка против селекцијата на Хрватска во мечот кој ќе се одигра во 20:30 часот.
Капитенот на селекцијата, Кирил Лазаров смета дека Македонија има шанса да ја изненади репрезентацијата на Хрватска.
– Ќе одиме да ги изненадиме, ќе одиме на победа против Хрватска. Тоа ни е кристално јасно, иако ја респектираме Хрватска како противник. Хрватската репрезентација е слична како нас, играат од патриотски причини, секогаш има таков набој. Единствен минус кај нас е можеби непланираното трошење на силите на претходните мечеви. Ни се отвори да бидеме во егал со Франција и со Полска, и можеби тука малку непланирано се потрошивме. После имавме најтежок меч против Србија, и таму се потрошивме и физички и емотивно. Меѓутоа, таков е распоредот на ова Европско првенство што е една предност за нас бидејќи после натпреварот со Хрватска имаме четири дена слободни, доволно време да се одмориме. – рече Лазаров.
Наспроти Македонија, Хрватска втората фаза ја започнува со два бодови и со триумф над „црвено жолтите“ сериозно ќе се замеша во борбата за полуфинале.
OhridNews