Повеќе случаи на измама се регистрирани на подрачјето на општините Охрид и Дебрца, во изминативе неколку месеци, соопшти СВР Охрид.
   
– Лице лажно се претставувало како претставник на Црвен крст и доаѓало во домовите на претежно повозрасни жители. Притоа,  истото од голема црна ташна покажувало  разни документи велејки дека Црвениот крст имал акција за делење помош во храна, облека и  разна покуќнина и дека на  списоците  морал да го запише нивното име и презиме. Засега непознатиот, објаснувал дека возило од Црвениот крст со брашно, масло за јадење, сувомеснати производи, конзерви, кебиња и друга покуќнина било на пат односно дека доаѓало и дека  за производите требало да се плати однапред по многу ниски цени. Непознатиот барал одредена сума пари која ако граѓаните ја немале во моментот, тогаш тој барал пари колку што имаат во моментот да платат. За добиените пари, тој на оштетените граѓани им издавал каса прими документ и им кажувал да бидат дома да го чекаат возилото за да ја добијат помошта, информираат од СВР Охрид
 
За оваа појава, СВР Охрид,  превентивно ги известил членовите на советодавните групи граѓани, а се преземаат мерки за пронаоѓање на измамникот.

Ohridnews