Гликозен или пченкарен сируп, а не мед се продава на патните правци Охрид -Кичево и Росоман – Прилеп, објави националната телевизија „Телма“, повикувајќи се на информации од Агенцијата за храна и ветеринарство. Оттаму соопштуваат дека вакви малверзации со квалитетот на медот се утврдени и кај дел од продавачите на зелените пазари низ Македонија. Сомнителните количини се запленети и уништени.
Засега казните за физичките лица се 500 евра, но се размислува за нивно зголемување.
Според директорот на Агенцијата Деан Рунтевски, медот од малопродажбата ги исполнува пропишаните услови за квалитет. Рунтевски најави засилени контроли и евентуално изготвување правилник за продажба на медот по пазарите. Секоја количина наменета за продажба ќе мора да има декларација со јасно наведено потекло, производител и содржина.
Согласно пописот спроведен годинава, во Македонија има вкупно 3.500 одгледувалишта за пчели и 155.000 пчелни семејства. Вкупната продукција на мед годишно изнесува околу 2.000 тони. Од нив 60 отсто се продаваат преку официјални канали, односно преку седумте регистрирани откупни капацитети, додека останатите 40 проценти преку пазарите. Македонија увезува мед од Кина или Србија, но занемарливи количини, а извозот во просек достигнува 140 тони, количини кои главно се пласираат во регионот, БиХ, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора и Албанија.
извор:„Телма“