Покрај сите убавини и познати раритети кои ги нуди Охрид, несомнено дека охридскиот бисер е највпечатливиот симбол кој потекнува од нашето поднебје. Во градот, постојат само две фамилии кои на сосема автентичен начин ги изработуваат овие ремек дела. Од 1924-та година, фамилијата Талеви од Охрид љубоморно ја чува тајната формула со која ги создава уникатните производи.  

Но во изминативе години, овие охридски мајстори се соочуваат со низа проблеми.  Дел од трговците по имрповизираните тезги и дуќани во чаршијата, на туристите им подметнуваат фалсификувани бисери. Седефастите зрна, кои се користат како материјал во создавањето на уникатниот производ, лажно се продаваат како охридски бисер.

Седефастото зрно е само основата на охридскиот бисер. Процесот на создавање е долг и комплексен. Најпрво потребна ни е емулзија, со која ги премачкуваме зрната. Нејзиниот составен дел, содржи бела материја која во светот е позната како рибино сребро. Тоа се добива со специјална технологија од крлушките на охридската плашица. Со оглед на тоа што потребна е умешност да не се остават траги од рачното премачкување, со овој занает можат да се занимаваат само врвни мајстори.“ – вели стариот охридски мајстор Климент Талев.

Но дали надлежните институции се подготовени да ги спречат фалсификатите  и да ги зашитат овие охридски мајстори, никој не знае. Талев смета дека централната и локалната власт, мора да вложат напори како би се заштитиле купувачите, односно туристите кои се заинтересирани за производот.

Охрид во минатото се гордееше со својата чаршија, која не нудеше никакви фалсификати. Таа беше одраз на културата на еден град. Сега,  трговците како што го купуваат зрното од странство, така и го продаваат. Тие не вложуваат ниту една секунда, за да внесат сопствен труд во оплеменувањето на зрното со некаква вредност. Во сиот свет, продавањето на фалсификати е строго казниво. Се наметнува прашањето, каде е здружението за заштита на купувачите?“ – истакнува Талев.

Тој додава дека многу често, странските туристи доаѓаат во неговиот дуќан, сакајќи да се уверат дали се излажани од страна на некои охридски трговци. „Еден трговец од градот, се дрзна во  мое име да продава бисери. Идаат муштерии од секаде и се жалат. На неколку наврати дошле во дуќанот, да проверат дали се излажани. Некои платиле поскапо за фалсификатот, добивајќи само седефасто зрно. Мора да се преземе нешто, како оваа појава би се искоренала. Жално е на луѓето, без срам да им се продаде нешто лажно.“ – вели Талев.

Од локалното одделение на Државниот пазарен инспекторат, потенцираат дека занаетчиите мора да ги лиценцираат своите производи во Координативното тело за интелектуална сопственост, како би можело соодветно да се интервенира.

Се вршат редовни контроли, но ние не сме стручни да докажеме кој производ е оригинал доколку тој не е патентиран. Сепак, доколку постои сомнение дека некој продукт е фалсификат, треба да се пријави. Мора да го видиме оригиналниот производ, па во рок од три дена да се одлучи што понатаму. Доколку не може да се утврди автентичноста, постапката се запира.“ – вели Ѓорги Бошалески, началник на одделението при Државниот пазарен инспекторат во Охрид.

Во борбата против нелојалната конкуренција, се вклучува и Регионалната занаетчиска комора, како би ги заштитила занаетчиите кои работат под нејзина закрила. На тој начин, би се спречиле трговците со импровизираните тезги, кои упорно ги фалсификуваат производите на охридските мајстори.

Управниот одбор донесе одлука, да го опоменеме секој кој работи нелегално. Им даваме пристоен рок да се регистрираат како фирма или трговец поединец. Во секој случај, сите мора да се пријават дека вршат некаква дејност. Имаме писмена потврда за соработка со Државниот пазарен инспекторат, во борбата против нелојалната конкуренција.“ – вели Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора Охрид.

Дали во наредниот период, туристите повторно ќе наседнат на фалсфикуваните производи кои ги нудат одредени трговци, никој не знае. Но во секој случај, потребни се низа активности и мерки, како оваа појава би се искоренала од градот.

O.T.