Русинката Викторија Николаева, која беше дел од групата руски туристи кои беа отруени со фалсификувано виски во турското летувалиште Бодрум, е прогласена за мозочно мртва и е приклучена на машини кои ја одржуваат во живот, јавува „Макфакс“.
 
Група од околу 20 руски туристи беа хоспитализирани кон крајот на мај во Бодрум, откако се вратиле од крстарење организирано од локална компанија. Четворица од нив во меѓувреме починаа.
 
Концентрацијата на метил алкохол содржан во фалсификуваното виски наречено „Мистер Бурдон“, било три пати поголемо од нормалното, утврдило турското Министерство за земјоделие.  Според нив, вискито било увезено од Северен Кипар, од компанија со назив „Џасмин“. На локалните пазари до моментот на откривањето биле продадени околу 12.000 шишиња.
 
Докторите во болницата во Бодрум за Николаева утврдија дека церебралните функции и се целосно прекинати, а срцето се уште и чука благодарение на лекарствата кои ги прима. Според турскиот закон, забрането е исклучување на машините за поддршка на животните функции.
 
Заради овој инцидент, турското Министерство за туризам најави дека ќе ги заостри мерките за да се обезбеди сигурноста на туристите во турските летувалишта. Локалните туристички компании од сега ќе имаат обврска туристите да ги информираат за местата каде што може да се набави квалитетна храна и пијалаци.

OhridNews
извор: „Макфакс“