Прва пречка на Амак до титулата ќе му биде МЗТ Скопје кој неодамна ги совлада „езерџиите“. Тренерот Марјан Лазовски е претпазлив пред денешниот дуел со МЗТ Скопје. Лазовски пред две години како тренер на Вардар го освои Купот, а во дел од минатата сезона ги водеше „штрковите“.


 – Во куп-натпреварите нема сигурни фаворити. Мора да се добијат три меча. Ние имаме зацртано да го освоиме трофејот, но сега не’ интересира само првиот меч, а ако победиме, потоа ќе размислуваме за понатаму – вели Лазовски.

На повреди се жалат двајцата стартери во охридската петорка Војдан Стојановски (скинатото мускулно влакно) и Мирослав Чубрило (повредата на петицата).

 – До последен момент нема да се знае дали ќе играат. Имаат повреди кои тешко се лечат. Можеби ќе играат под инјекции. Јас мислам дека ќе се наполни салата, иако можеби денеска проблем може да биде што во исто време се игра Лигата на шампионите во фудбал. Не знам каков ќе биде одѕивот, се надевам оти охриѓани и сите љубители на кошарката во Македонија ќе дојдат за збогатување на овој празник на кошарката – додава Лазовски.

М.П.