ЛДП реагира дека лица ангажирани со договор на дело во општината деновиве се повикувале на информативен разговор во полициската станица во Охрид. Отаму велат дека партијата ќе застане во одбрана на човековите слободи и права и нема да остане нем набљудувач на состојбите.
-Службени лица во униформа од полициската станица од Охрид, одат по домовите на луѓе кои имале договори на дело со Општина Охрид и ги повикуваат на информативен разговор. Оваа слика воопшто не е пријатна за семејствата ако се има предвид дека овие луѓе само на ваков или на онаков начин, а што е најважно, во рамките на законските правила и прописи се обиделе на некаков начин да стигнат до егзистенција. Партиските вработувања се наша одамнешна и болна реалност која продолжува, за што најодговорни се политичарите а не граѓаните. ЛДП нема да дозволи ниту еден граѓанин кој во оваа земја се бори за гола егзистенција без оглед на партиската припадност, вера или националност да биде несоодветно третиран. Од друга страна, прашуваме зошто надлежните во чии раце се институциите задолжени за истрага, не реагирале на време доколку увиделе дека ова е противзаконски ако се има предвид дека овие договори не се никаква новина и се практикуваат од многу порано? Меѓу другото, да не бидеме лицемерни, Договорот на дело е нешто што и новата раководна структура често го практикува.-стои во реакцијата на ЛДП.
Оваа партија бара посебно да се внимава во постапување со луѓето без оглед на нивната партиската припадност, соодветно да се применуваат законите и законските процедури, како ида се избегнува злоупотреба на човечките судбини за добивање за политички поени преку помпезни написи во медиумите.
-ЛДП ја поддржува секоја истрага која треба да открие било каква незаконитост или злоупотреба на позиција, но сепак сето тоа да биде со почитување на човековите слободи и права.-се вели во соопштението на Либералдемократската партија.