Опозициската Либерално демократската партија нема да и се придружи на коалицијата предводена од СДСМ и нема да го напушти Собранието на Македонија, иако смета дека се потребни предвремени избори. ЛДП смета дека во вакви услови бојкотот на институциите може да доведе до опасни состојби.

Владејачката ДОМ ги повикува опозициските партии да се вратат во парламентот и предупредува дека треба да се работи на избегнување на состојби кои можат да наликуваат на крвавите настани од Албанија.  Нова демократија пак, утре ќе решава дали да се придружи на бојкот на парламентот.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски смета дека бојкотот не е начин на кој треба да се решаваат проблемите и не им користи на националните интереси на државата. Тој ги повика претставнците на сите парламентарни партии да дојдат на  на редовната координативна средба во понеделник  и да разговараат за отворените прашања.

– Како претседател на Собранието, целосно сум подготвен да ги отворам сите прашања кои од опозицијата се детектирани како проблематични за демократскиот капацитет на самиот Парламент и која било друга институција, а особено прашањата поврзани со слободата на медиумите, вели во писмената изјава спикерот Вељаноски, според кого, Парламентот е местото каде треба да се изнесат прашањата и да се спротивстават аргументите, пред очите и судот на јавноста.

Наспроти апелите, СДСМ уште еднаш потврди дека веќе нема да учествува во работата на македонското Собрание.

– Јасно е дека СДСМ нема да присуствува ниту на координациите, ниту во работата на комисиите и другите собраниски тела. Вчера соопштивме дека нема да и даваме легитимитет на оваа недемократска и ненародна власт која ја загрозува слободата и демократијата во земјата, рече потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев, на прес конференцијата одржана вчера.

Според ВМРО-ДПМНЕ  целта на СДСМ  е преку монтирани протести, глумење на театралност, создавање на поделби на народот и тензии да создададе општ впечаток на незадоволство од актуелната влада.

OhridNews
извор :„Телма“