Либералнодемократската партија синоќа во Охрид одржа предизборна средба на која беа претставени претседателскиот кандидат Нано Ружин и кандидатот за градоначалник на Охрид, Боро Павлоски.

Лидерот на ЛДП, Јован Манасиевски, изрази задоволство од досегашниот тек на кампањата. Тој истакна дека мнозинството гласачи се незадоволни од политиката на доминантните партии, и дека голем дел од нив нема да гласаат за кандидатите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, кои поради тоа, како што рече, го напаѓаат кандидатот на ЛДП, Нано Ружин.

Во обраќањето пред охриѓани, претседателскиот кандидат Нано Ружин рече дека неговата кампања е европска и позитивна и дека тоа гласачите знаат да го препознаат.  Притоа тој додаде дека на овие избори Македонија треба да направи демократски исчекор, и да покаже способност да организира фер и демократски избори и уште повеќе да се приближи до ЕУ и НАТО.

Кандидатот за градоначалник на Охрид, Боро Павлоски, исто така изрази задоволство од досегашниот тек на кампањата и најави дека ќе работи на реализација на проекти кои се од приоритет за граѓаните на Охрид.


На предизборната средба што се одржа во преполната голема сала на општината, ЛДП ги претстави кандидатите за членови на Советот на општина Охрид.


ЛДП ги претстави изборните адути пред охриѓани


Ohridnews