Загрижени за тешкиот пат низ кој минуваат охридските млади таленти и проблемите со кои се соочуваат поради недостатокот на средства, од општинската Либерално- демократска партија со предлог- сите политички партии, локалната самоуправа и Градоначалникот, бизнис секторот, како и  сите граѓаните  од  Охрид, да формираат фондација,   во која сите ќе партиципираат, со цел поддршка на  талентирани млади луѓе.

Со учеството на сите  политички партии, ќе  се оневозможи политичко етикетирање  на младите и нивна злоупотреба за политички маркетинг. На овој начин ќе се  зачувува достоинството на младите таленти и нивните семејства. Покрај другото предлагаме при проекција на идниот Буџет на општина Охрид, да се одвојат повеќе средства за талентираните деца, рече на денешната прес- конференција претседателот на форумот на жени на ОО на ЛДП, проф. Лидија Јевтовиќ.

Од општинската ЛДП, јавно им се заблагодарија на сите млади таленти кои  се закитија со награди и признанија и истовремено извршија промоција на нашиот град.

– Оваа година како никогаш до сега, сериозна бројка на млади луѓе од Охрид се стекнаа со признанија и награди не само на државно, туку и на светско ниво. Покажавме дека во Охрид,  има млади научници, одлични стрелачи, кајакари, велосипедисти,  талентирани пејачи и уметници. ЛДП  сака да ја поздрави и големата ангажираност на младите во невладините организации и нивната волонтерска работа, додаде Јевтовиќ.

Таа потенцира дека жално е што повеќето  политички  партии во Охрид, секодневно ја бомбардираат јавноста со непристојна реторика, и преголема опседнатост со претстојните локални избори,  истовремено  забравајќи на проблемите  и успесите на младите луѓе во Охрид.

OhridNews