Рапид Виена со пресврт 2-1 (0-1) го совлада шпанскиот Виљареал во првата рунда од мечевите во Лигата Европа. “Жолтата подморница“ иако како фаворит допатува во градот покрај Дунав, мораше со наведнати глави да го напушти теренот.
Гостите имаа повеќе од играта, креираа повеќе шанси, беа и предност од 1-0 по првиот дел, но стартот на вториот дел им припадна на домаќините кои носени на крилата на фантастичните навивачи (36200) усепаа во пет минути да го завртат мечот и да стигнат до извонредно значајна победа.
На погодокот на Баптистао(44), во вториот дел одговорија Шауб (50), и Хофман (53) од пенал. Во финшот благодарение на пожртвуваноста но и серијата одлични интервенции на домашната единица Новота, “зелените“ заслужено се радуваа на победата.
– Очекував дека Рапид силно ќе не нападне, но не и дека ќе го загубиме мечот. Не сакавме да ги браниме оние 1-0 од првиот дел. Мечот го загубиме по лошата реакција од прекин ситуациите. Повторно да можам, повторно би ги избрал овие 11-на, нема за мене прв и втор тим – рече “кисело“ расположениот стратег Марселињо.
За стратегот на Рапид, победата над фаворизираниот Виљареал е потполно заслужена. – Тимот се бореше до последниот атом и на крајот сосема заслужено се радуваше. Огормна благодарност до публиката која секогаш е наш 12. играч и во овој меч не врати од мртвите. Среќата исто така ни се насмевна и забележавме победа која многу ќе значи во понатамошните мечеви во групата -истакна Баришич.
На останатиот меч во оваа група Викторија Плзен со 2-0 го совлада Динамо Минск. Во наредната рунда Рапид гостува во Минск, додека Виљареал ја пречекува Викторија.
М.П.














