Холандскиот стручњак на клупата од Манчестер Јунајтед, Луис ван Гал не штедеше пофални зборови за тинејџерот Маркус Рашфорд кој му го трасираше патот на англискиот гигант во 1/8 финалето во Лигата на Европа.


Производот од академијата на Манчестер Јунајтед постигна два клучни погодоци во триумфот (5-1) над данскиот Митјиланд во реванш натпреварот на Олд Трафорд.

– Неверојатно, навистина неверојатно. Во првото полувреме играше оддалечен од голот, на паузата го советував да стои што поблиску до противничкиот гол. Тој ги послуша моите совети и постигна многу важни голови за нас и за неговата понатамошна кариера во Манчестер Јунајтед. – рече Ван Гал.

„Црвените ѓаволи“ преку Хуан Мата не искористија шанса уште во првиот дел да ја анулираат предноста на данците откако Шпанецот не реализираше удар од белата точка.

– Промашениот пенал не не поколеба туку дополнително не мотивираше. Морам да им честитам на фудбалерите кои покажаа квалитет и пред се карактер на мечот со Митјиланд. – заврши Ван Гал.

ЛЕ: „Црвените ѓаволи“ го слават тинејџерот Маркус Рашфорд (видео)

OhridNews