Германскиот бундеслигаш Лајпциг го приреди најголемото изненадување победувајќи го Наполи со 3-1 во Неапол во првиот меч од 1/32 финалето во Лигата на Европа.
На германците не ги поколеба ниту почетното водство на домаќините до кое стигнаа со голот на Адам Оунас во 52-та минута. Десеттина минута подоцна Тимо Вернер погоди за 1-1, а пресвртот го комплетираше Брума во 74-та минута. Во финишот, кога „азурите“ нападнаа гостинските фудбалери организираа контра која ја реализираше Вернер за конечни 3-1.
Последните десеттина минути беа кобни за белградските „црно бели“ на дуелот со Викторија Плзен на домашен терен. Гостите во 81-та минута со погодокот на Резник го анулираа водството на домаќините од 58-та минута кога Тавамба го отвори резултатот. Во финишот Партизан остана и со фудбалер помалку, откако Милан Митровиќ доби втор жолт, автоматски црвен картон.
Екипите на Милан, Арсенал и Атлетико Мадрид комплетно ги оправдаа улогите на фаворит на мечевите со Лудогорец, Оестерсундс и Копенхаген совладувајќи ги со три голови разлика. „Росонерите“ и „топчиите“ славеа со 3-0, додека шпанците победија со 4-1. Реванш натпреварите од 1/32 финалето се следната недела.
Резултати: Астана – Спортинг Лисабон 1-3, Борусија Дортмунд – Аталанта 3-2, Лудогорец – Милан 0-3, Олимпик Марсеј – Брага 3-0, Ница – Локомотив Москва 2-3, Оестерсундс – Арсенал 0-3, Реал Сосиедад – Салзбург 2-2, Спартак Москва – Атлетик Билбао 1-3, АЕК – Динамо Киев 1-1, Селтик – Зенит 1-0, ФЦСБ – Лацио 1-0, Копенхаген – Атлетико Мадрид 1-4, Лион – Виљареал 3-1, Партизан – Викторија Плзен 1-1, Наполи – Лајпциг 1-3.
OhridNews