Мртвиот лебед кој деновиве беше пронајден кај Славија според надлежниот инспекторат, најверојатно, бил жртва на диво животно. Во прилог на ова тврдење оди и состојбата во која е пронајден мртвиот лебед, чија утроба и врат се изедени.

Овој случај инаку нема никаква поврзаност со немилиот настан, кој исто така се случи деновиве во центарот на Охрид, каде туристка е фотографирана како малтретира лебед за да направи селфи. Се работи за лебедот со скршено крило кој охриѓани го викаат Џорџ.


Лебедот Џорџ е добро

Лебедот Џорџ е жив и здрав и може да се забележи кај градското пристаниште. Тој беше таму и денеска и се фотографираше со луѓето кои го хранеа него и другите тици, без да им наштетат.

Фотографијата како туристка малтретира лебед во Охрид која го обиколи светот, според граѓаните само ја потврдува неопходноста од воведување поригорозни санкции за несовесните лица, но и од поголема грижа од на институциите за заштита на црвеноклунестиот лебед за тој да опстане на Охридското Езеро. Според нив лебедот како и другиот жив свет на Охридското Езеро се недоволно заштитени. 

-Мислам дека како општество потфрламе во овој случај, сакаме да покажеме колку сме хумани и грижливи, но во случајот со заштитата на птиците и живиот свет на Охридското Езеро не е така. – ни изјави повозрасен граѓанин.

-Доколку би имала власт најстрого би забранила малтертирање на лебедите, па тие се украс на градот и треба да ги заштитиме. – додаде жителка на Охрид.

И научната јавност апелира на поголема свесност за заштита на овој препознатлив украс на Охридското Езеро, чиј број значително варира од година во година. Дека состојбата е загрижувачка говори податокот дека ниту еден лебед регистриран во рамки на проектот за прстенување на овој заштитен вид птица што пред шест години заедничко го реализираа Хидробиолошкиот завод и одделението за заштита на животната средина при општина Охрид, не се гнезди повеќе на Охридското Езеро. 

-Оваа година направивме ревизија на гнездовите парови, но за жал ниту еден прстен не беше најден што значи дека прстенуваните птици од 2010 година го имаат напуштено Охридското Езеро. – изјави Душица Илиќ Боева од Хидробиолошкиот завод Охрид. 

Влијанието на човекот врз животната средина, нелегално поставениот риболовен алат, бучавоста и уништувањето на природната средина каде се гнезди лебедот се дел од причините поради кои оваа птица се повеќе мигрира од Охридското Езеро.

Г.М.