Пишува: Веле Митаноски
Некогашниот култен градски ресторан, легендарната “Летница” во Охрид, постарите охриѓани, и не само тие, и ден – денеска ја посетуваат, но и ја носат во душата и спомените, со носталгија се присетуваат на старото и убавото, на дрвените маси и шарените чаршави, на околните ѕитчиња кои беа “помошни столчиња” во деновите кога се чекаше ред за да се добие маса. За охриѓани, посебно,”Летница” беше повеќе од меана, беше религија! Ја нарекуваат “Библиотека на спомените”, “Ладовина што не запира”, “Босфорот” но, најверојатно најубавото име “Дарданелите на Охрид” и го даде Милчо Балески, за охриѓани – Милчо Бале, сега покоен, еден од симболите на Охрид.
Беше долгогодишен новинар во македонски и југословенски медиуми – се до државната агенција “Танјуг”, беше претседател, со денешниоит јазик – градоначалник на Охрид, висок функционер во владите на Република Македонија, пред осамостојувањето, до ранг на министер. Со “Летница” беше врзан на повеќе начини: Преку работата, преку пријателите, но и преку животната сопатничка, неговата Марџе, буквално родена во “Летница”, или – над “Летница”. Милчо остана во спомените, но затоа, пак, Марџе го породлжува споменот на Милчо и “Летница”. Живее во Скопје, а преку лето, сеуште, заседнува со ќерката, понекогаши со внуците – во “Летница”, речиси под прозорот од куќата во која е родена.
– Јас сум тука родена и тука израстена. Во куќата на Гинековци, која едно време била хотел, со звучното име “Париз”. Имала 12 соби, можелa да смести 30 души. Секоја вечер свирела музика. Наспроти нас, на просторот на подоцнежната “Летница”, се вареше ракија. Доаѓаа и ја вареа селаните од блиското Велестово. Тука некаде беше градската фурна, ја водеа од семејството Матјановци. Имаше мала кондураџиска работилница на Номче Малезан. Мала пиљарница од семејството Поп Стефанија. Коле Герман држеше книжарница, додека Кречовци ја имаа месарницата. Имаше и кино бавча, додека Мишевци држеа магази, се сеќава Марџе.
Да видиш и да те видат!
Нејзе особено и се бендисувало што сопругот Милчо, и откако се зеле и формирале семејство, ја сакал “Летница”.
– Седевме во ресторанот, отспротива, ама речиси под прозорите, од собите на куќата каде сум родена. Најчесто седевме со лекарот Зарко Захариев, со Петрит Аголи, таткото на денеска двајца познати леркари од семејството Аголи, со Перо Снегар, долгогодишен директор на “Охридски комуналец”. Подоцна, после осумдесеттите години, ни се придружија битолчаните. Најчесто, д-р Живко Паришко, долгогодишен управник, директор на националниот парк „Пелистер” и неговата сопруга. Имаше една, помалку непријатна крилатица што се ширеше низ Охрид, дека на погреб и во “Летница” се оди за да видиш и да те видат! Но тоа беше само невкусна шега. Од други побуди и мисли, мојот Милчо ја нарече “Охридските Дарданели”. Мислеше на теснец, на место што не можете да го заобиколите. Таа негова спопредба остана и до ден – денешен. Милчо Бале беше голем новинар, ја сакаше професијата. Почна во “Радио Охрид”, беше во “Радио Скопје”, “Танјуг”… Во тоа време, се шегува Марџе, заедно со работата кај нив дома, во Охрид, дошол првиот приватен телефон. Се сеќава на бројот: 22-063. Како функционер во Скопје, му беше помошник на Радуле Костовски во Министерството за информации, потоа беше министер за култура и за надворешни работи, вели неговата сопруга.
Томислав Маниќ: Го поминав целиот свет, Охрид е посебен!
Беше тоа време, убаво време, се сеќава една од живите легенди на “Летница”, пеачот Томислав Маниќ. Со Охрид е врзан уште од 1952 година, кога, уште како студент во прва година, дошол со “Народниот” и “Забавниот оркестар” на “Радио Скопје”. Настапувал во хотелот “Белви” (срушен објект пред денешен “Палас”), потоа во синдикалното одморалиште “Орце Николов”, се до 1957 година. Исто така, и во хотелот “Палас”, за кој вели дека бил најубав на Балканот во тоа време. И ден денес ми се плаче кога ќе се присетам на тогашниот технички директор Јоне Кузман, со тага се присетува Маниќ.
– Беа тоа години на интензивен културен живот во Охрид. Навечер полна летната бавча во “Палaс”. Легендарната “Летница”, полна преку цел ден, уште и со музиката на “Охридски Трубадури”. А кога ќе се вивнеше гласот на тенорот Перо Суруџи, со кого во Скопје бевме цимери како студенти, е тоа беше возвишен настан. Уште кога во придружба ќе му притекнеше Јонче кројачот. Перо Суруџи толку си ги сакаше Охрид и сенките во “Летница” што и студиите ги прекина во Скопје.
Томислав Маниќ вели дека го поминал целиот свет, но Охрид е посебен. Без него, додава, животот би му бил поинаков и секако пократок.
– Тука имам стан од само 28 метри квадратни, но тоа е мојот свет, мојот живот. Кога сум во Охрид, нема ден без “Летница”. Таа е мојата лична карта. Овде ќе ги видите оние кои со години не сте се виделе. “Летница” е “Библиотека на спомените”. Без “Летница” и кафето под сенките на боровите, едноставно не можам.
Маниќ прави разлика помегу тогашниот и сегашниот Охрид. Вели дека тогашниот бил поразличен, поубав, со туристи од тогашна цела Југославија, најповеќе Срби, но и од светот. Игранки – навечер, матинеа – напладне. Се раѓале љубови, се склопувале бракови. Маниќ се присетува дека и нашата национална величина Ацо Шопов, со Светлана се заљубил токму во хотелот “Палас” во Охрид. Јас сум “виновникот” за тангото, за валцерот и заљубувањето, се сеќава Маниќ.
Оние што тагуваат за старата “Летница” се преместија “Под муренката”!
Од старата гарда политичари, новинари и други јавни личности денеска во “Летница” можете да го забележите само уште Стојан Андов и тоа многу ретко. Некои, како Раде Огњановски – Глава, Јован Павловски – Бутика и Ерол Ризаов се повлекоа, кој поради годините кој од свои причини. Некои се преселија во вечноста, некои од другата страна на плоштадот – “Под муренката”.
Иако е очигледно дека жалат за некогашната “Летница”, своето напуштање официјално, со многу такт и дипломатичност, го оправдуваат со тоа што “под сенките, со оглед на годините” веќе и било ладно! Во таа група се вискиот партиски функционер од времето на СКМ – СКЈ, Боро Денков, долгогодишниот претседател на Претседателството на Република Македонија Томе Буклески, секретарот на Извршниот совет Томе Стефаноски, потоа Ѓоко Тозија, Душан Бојчев, Нико Палигора, бизнисмен од Скопје и други.
Со “Летница” се врзани и познати личности што живеат надвор од Македонија. Адвокатот Тома Фила, по потекло од Битола од познатото адвокатско семејство (син на Филота Фила), живее во Белград, со сопругата Весна, сега пензионер – до скоро помошник министер за образование во српската влада. Тома Фила е многу влијателна личност во српските кругови, близок пријател и советник на Ивица Дачиќ, близок со врвот на СПЦ, легенда во адвокатурата. Пред судот во Хаг ги бранел обвинети за воени злосторства – од војската и политиката! Има стан во Охрид, нема лето да не дојде тука, а кога е тука “Летница” е неговиот втор дом. Заседнува со пријателите, до вчера со Стефче Муса, кој, за жал, е веќе покоен, денеска со Драги Савинов – Чунацот и неговата симпатична сопруга Ели, со нас новинарите. Редовно, во Охрид го слави својот роденден – 29 јули. Има што да ни каже за приликите и неприликите – денеска во Србија, за неговото искуство како хашки бранител, за неговата клиентка, како адвокат, Јованка Броз, титовата вдовица, за македонците кои одлучувале за нејзината судбина, за македонските политичари Драгољуб Ставрев, Киро Глигоров и други, за кои и самиот направив неколку интервјуа со Фила за “Утрински Весник”. Извонреден познавач на приликите на Балканот, близок со безбедносните структури, тој е човекот кој тврди дека атентатот врз Глигоров бил дворски!
“Во името на народот!”- одземеле имоти, рушеле спомеиници!
Пријателот на Фила, Драги Савинов, исто така, е емоционално врзан со “Летница”. По примерот на Милчо Балески, кого го нарекува умниот охриѓанец, на “Летница” и го дава и синонимот “Босфор”.
– Да си во Охрид, а да не седнеш барем 15 минути во “Летница”, како да не си бил. Јас во моите спомени ја носам од времето кога беше нешто повеќе од ресторан, беше душата, среќата, радоста, дамарите на старите охриѓани, меѓу кои спаѓам и самиот. Беше место на живот, дружење, радост, тага, убавина – се на едно место. Под дебелите сенки и ладовината, беше хипноза, нереална и неверојатна. Во 1964 заминав од Охрид, на студии во Белград, а на лето работев во Будва и Дубровник. При секое враќање, “Летница” ми беше првата станица, зашто некојпат таа беше домот на моите родители. Тука под големиот бор, со Јоне Филе, стариот Нанче – сега веќе покоен, Глигор Копров, Чипан, Муса и многу други охриѓани. Седнувам и денес, на чаша вино, ја сум голем уживател на добрата капка и кујна, но ова не е нашата “Летница”, иако многумина сведоци на овој времеплов се обидуваат да му ја вратат душата на ова, за мене, свето место. Најмалку сакам да давам политичка димензија, но овој простор “во името на народот!” му беше одземен на мојот татко, чија сопственост бил со децении. Ако беше некаква утеха, некаква симболична сатисфакција, барем остана место каде се собираше нардот. Во името на тоа нека ми биде дозволено да упатам еден апел така да остане и за следните генерации, на местото под старите борови повторно да му ја вратиме душата.
“Во името на народот“на просоторот на “Летница”, не само што одземеле имоти, туку рушеле и споемници стари половина милениум! Во 1953 година со динамит е срушена Аџи Кас’м џамијата. Охриѓани раскажуваат ваква анегдота. Од спротива, од балкон држел говор еден функционер, кој во моите младешки новинарски години беше претседател на Боречката организација. Свртен кон џамијата, им се обраќа на охриѓани – како нивниот голем учен Димче Коцо, бара да се чуваат спомениците на културата. Му пришол некој иму вели: Другарот Лазо рече да се сруши. И говорникот продолжува: До сабајле да ја нема одовде! Вистината е таа, дали анегдотата е вистинска, или не – незнам, ама знам една друга што е дибидус вистинска. Во средината на осумдесеттите години од сега веќе минатиот век, во општината гласавме за трасата на колекторскиот систем. Каде ќе минува? Имаше две варијанти: По крајбрежната линија на езерото, значи по природен пат и по булеварот што го нарекоа Туристичка – со препумпни станици. Ние ја изгласавме “природната” варијанта. Таа обезбедуваше и спој со делот на градот зад Калето, со тунел во делот кај црквата Св.Јован. Да им е појасно на читателите – продолжение на денешниот “Мост на желбите” на Велија Рамкоски! Откако ја донесовме одлуката, влезе претседателот на тогашниот Извршен Совет, вели не важи! Во меѓувреме, вели, се јави другарот Колишевски – по Туристичка ќе оди! Се јавил, или не – кој ќе го знае, ама ние уште тогаш знаевме дека таа варијанта обезбедуваше работа за “ЕМО” и “Трудбеник”. Уште и спречуваше да не врви “лајнарникот” под куќата на директорот на “Трудбеник”!
Со колекторот и “Летница” е сврзано уште едно големо име од политиката – Димче Беловски. Беше голем “кицош”, секогаш елегентен, знаеше да насмее до солзи, а и самиот одненадеж експлодираше во заразна смеа. Ќе дојдеше со светнати скапи чевли на состанок, а потоа кога заминуваме на терен, возачот му навираше заштитни обувки над чевлите – ги викавме “каљачи”. Кога беше амбасадор во Вашингтон, ми вели, во една прилика: Ајде, дојди, таму има готови пелени (памперси), прај деца! Ама, моите се веќе големи, му велам. Рано си ја “заебал” работата, вели и прснува во смеа. Според онаа кинеската мудрост –ако сакаш да си среќен еден ден – напиј се! Ако сакаш да си цел месец- ожени се! Ако сакаш да си среќен цела година – одгледувај цвеќиња! Беше близок со новинарите, покрај голем општественик и дипломат, беше и публицист и новинар, едно време и директор на „Нова Македонија“, Во “Летница”, пак, заседнуваше без да прави разлика меѓу луѓето. Еден ден под сенките, со мојот познаник, сега покојниот Кочо Трендафилоски – Магарето. За мртвите се најдобро, ама беше познат по тој прекар, кој самиот си го наметна. Фрлаше кладиво, а за да покаже колку е јак, во една сторија за тогашен југословенски весник изјави: “Ја сам тај магарац, кои е подигао магарац!”. Tака и се објави, со фотографија – Кочо, со подигнатото магаре! Бевме дури пријатели, оригиналната црно-бела фотографија и денеска е дел од мојата приватна архива. Колегата Ерол Ризаов, исто така, чест заседнувач во “Летница”, влегува под сенките, а Димче Беловски излегува: Еве си одам накај станот, му вели, досега со Кочo – Магарето бистревме политика!!!Штом сте ја бистреле со Кочо, мора да било тоа меѓународна политика – му вели Ероил на покојниот Димче Беловски.
OhridNews