Најверојатно лекарите ќе штрајкуваат, затоа што 90 отсто од докторите го сакаат тоа, а Синдикатот треба да го исполни, вели доктор Дејан Ставриќ во неделното интервју на Радио Слободна Европа, пренесува „Макфакс“.

„Непотребно се сее страв меѓу лекарската фела. Кој е ефектот и која е потребата од тоа, навистина не знам, меѓутоа сметам дека е крајно нечесно и оти во крајна линија долгорочно ќе предизвика многу лоши ефекти“, изјави претседателот на синдикатот на Клиничкиот центар во Скопје доктор Дејан Ставриќ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Целото делување на Владата во последниве години беше насочено преку медиумите и тие кампањи да се прикажат лекарите како некој вид криминалци, кои треба да се оправаат сега. Тоа не е случај. Мислам, тоа беше злоупотреба на еден мал процент од нас кои знаат девијантно да се однесуваат, како и секаде, нормално, меѓутоа, тоа треба да биде санкционирано, но не по цена на влошување на името и валкање на образот на цела една фела која генерално е чесна и работи за многу помалку пари од тоа што треба да добива“, додава Ставриќ.

Тој вели дека лекарите не се задоволни со платите, кои се најниски во регионов, а да не зборуваме да компарираме со нормални демократии и нормални земји.

„Оваа атмосфера која се сее постојано во медиумскиот простор секако дека предизвикува незадоволство и гнев. Понатаму, лекарите, па и другиот персонал, се непотребно обременети последниве години со административни обврски кои ниту им се занимање ниту е потребно да ги прават, затоа што административните служби на клиниките веќе ги внесуваат тие податоци, постои документација за се што е сработено, што е спроведено… така што постои, така да речам, еден институционален мобинг“, вели Ставриќ.

Според него, иако се нарекуваат реформи во здравството, не може да има сериозни реформи, ефективни, без реформа на финансирањето на здравствениот систем, односно на Фондот за здравствено осигурување.

„Фондот за здравствено осигурување функционира како и пред дваесетина години, нема битни промени во неговата функција, така што без реформа во тој сектор, нема реформи во здравствената дејност“, додава СТавриќ.

На прашањето дали ќе има штрајк, Ставриќ вели дека веројатно ќе има.

„Во последниов месец има барања од речиси сите клиники, апсолутно од сите лекари или од најголем дел, над 90 насто до лекарите го бараат тоа. Наша синдикална должност е да ја спроведеме волјата на нашите вработени“, изјави синдикалниот лидер во Клиничкиот центар Дејан Ставриќ во интервју за Радио Слободна Европа.

OhridNews
извор:„Макфакс“