Коренот на проблемот со педијатрите во Охрид е од многу поодамна, вели Д-р Никола Филев, специјалист по педијатрија. Тој предупредува дека мора да се пристапи сериозно кон проблемот, дотолку повеќе што во зимски услови кога децата се многу почуствителни и поподложни на разни болести, дислокација на пациенти до друг град ќе претсавува уште поголем проблем.

Има случаи на акутни, ургентни состојби кај бебиња кога треба веднаш да се реагира и нема време да се носи пациентот до Струга. Дополнително, во Струга има само 18 креветчиња на педијатрија, а треба да се третираат пациенти и од Охрид и ова ќе биде голем проблем, вели Д-р Филев. 

Тој додава дека сега не е време за барање одговорност, туку за барање решение. Во овој момент, според него, треба да се повлечат педијатри од другите градови во охридското одделение, бидејќи е опремено со најсовремена клиничка апаратура. Ситуацијата, како што вели, ќе дојде до степен во Охрид да нема ни еден педиатар, не само во Општата болница, туку и во примарното здравство воопшто. Според Д-р Филев, решението е во внатрешната систематизација.

Медицината не е добра волја туку потреба. Одговорните треба да направат план за тоа што недостига во градот и да се испраќаат докторите на специјализации врз основа на она што недостига во болницата, а не врз основа на волјата. Дефицитот на кадри се јавува не само кај педијатрите, туку и на трансфузиологија и кај кожните лекари, вели Д-р Филев. 

Од охридската болница претходно истакнаа дека биле одобрени специјализации од Министерството за здравство за педијатрија, но не се пријавиле доволен број лекари. Поради недостиг на педијатри, детското одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид работи со скратено работно време, а за време на викендите и во вечерните часови пациентите се упатуваат до одделот за детски болести при ЈЗУ Општа болница Струга.

 

К.А.