Лекарите денеска седнаа на преговарачка маса со министерот за здравство, Никола Тодоров, во обид да ги доближат ставовите околу одредени законски решенија од една страна и барања на докторската фела од друга страна.
Синдикатите на лекарите се задоволни од стартот на преговорите, во кои акцентот бил ставен на моделот плаќање по учинок, реформа која предизвика револт кај лекарите.
„Стартот на преговорите, според наше видување, беше задоволувачки. Најмногу зборувавме за плаќањето по учинок и сметаме дека денеска направивме видување за празнините, за тоа што треба да се направи. Се надеваме дека има добра волја за нашите барања“, изјави Слободан Георгиевски од Самостојниот синдикат на клинички центар, пренесува „Макфакс“.
„Мислам дека сме во насока на подобрување и приближување на ставовите со министерот за здравство, но договор беше да не се дават изјави додека нема конкретен договор. Приоритетна точка беше допрецизирање на проектот плаќање по учинок, и нормално ние како самостоен синдикат за здравство, она што го имавме како основно барање, до моментот на допрецизирање на проектот исплатата по проектот да се стави во мирување. Сега засега овој предлог е на преговарачка маса во делот на приближување на ставот околу тој наш предлог“, изјави Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
На преговарачката маса со министерот седнаа три синдикати, Самостојниот синдикат на клинички центар, Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и новоформираниот синдикат „Мајка Тереза“.
Пред средбата претседателот на Самостојниот синдикат на клинички центар, Дејан Ставриќ изјави дека ќе бараат од преговорите да се изземе синдикатот „Мајка Тереза“.
„Прво што ќе се бара од министерството е да се изземе од преговорите тој таканаречен синдикат ’Мајка Тереза“, „Баба Зумбула, како и да е, од преговорите затоа што сметаме дека дефинитивно нема легитимитет. Консултирани се и правници од Сојузот на синдикати и дефинитивно немаат право да бидат тука“, рече Ставриќ и додаде дека доколку министерството не се согласи, тие сепак ќе продолжат со преговорите.
„Разговаравме и за изземањето на синдикатот ’Мајка Тереза’ од преговорите, меѓутоа имаме наш став којшто дополнително ќе го договориме со двата синдиката“, рече по средбата“, Георгиевски.
Вчера лекарите излегоа на предупредувачки протест за време на паузата на кој го искажаа незадоволство од намерите на министерството за примена на моделот „плата по учинок“, којшто предвидува наградување и казнување на лекарите, во зависност од тоа што сработиле во текот на денот, бројот на пациентите и тежината и интервенциите и операциите или прегледите.
Министерот Тодоров вели дека овој систем не е донесен за да се казнат лекарите кои не работат, туку да се одвои квалитетниот кадар и да се награди според сработеното.
извор:„Макфакс“