Летниот режим на сила ќе биде од 1 јули 31 август. Во тој период сообраќајот на најфреквентните сообраќајници во центарот на градот ќе биде регулиран со еднонасочно движење на возилата, додека сообраќајот во стариот дел на Охрид и на кружниот тек кај Градскиот плоштад целосно ќе биде забранет за движење на моторни возила во ноќните часови, освен за жителите на тој дел од градот и за лица кои поседуваат специјални дозволи.
-Сметаме дека со воведување на посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје ќе се намали и бројот на возила, а со тоа и бучавоста која тие ја создаваат, што е еден од најголемите проблеми на кои се жалат жителите и гостите во стариот дел на Охрид, истакна Зоран Шикалески, одговорно лице за сообраќај во општина Охрид. Тој нагласи дека во летниот период во функција ќе биде ставена улицата помеѓу „Партизанска“ и „Димитар Влахов“ кај старата автобуска во еден правец, со што ќе се растовари сообраќајот во центарот.
Со летниот режим на сообраќај се предвидува целосна забрана на движење на велосипеди со мотор и мотоцикли во стариот дел на градот во периодот од 20 часот навечер до 5 часот наутро.
Целта на воведување на посебен режим во сообраќај во летниот период во Охрид е да се ублажат последиците од зголемениот број на возила кој во екот на туристичката сезона двојно се зголемува.