Осигурениците на Фондот за здравствено осигурување во текот на летните одмори, правото на итна и неопходна здравствена заштита можат да го остварат во вкупно 15 европски земји, информираат од ФЗОМ.
Осигурениците може да побараат итна здравствена услуга во Германија, Австрија, Турција, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина, Чешка, Холандија, Луксембург, Белгија, Франција и Италија.
Под итна и неопходни здравствена заштита се подразбира користење на здравствени услуги, кои не можат да се одложат до планираното враќање во Македонија.
Пред патувањето во странство осигурените лица на ФЗОМ треба да се обратат во подрачната служба на фондот каде што е поднесена пријавата за задолжително здравствено осигурување, и да пополнат Барање за издавања на двојазичен образец за една од наведените земји.
Двојазичниот образец на осигурените лица на ФЗОМ им служи како привремена здравствена легитимација во земјата каде што патуваат и на основа на истиот тие се изедначени во однос на правата и обврските со осигурените лица на државата во која престојуваат.
Тоа значи дека на основа на двојазичниот образец осигурените лица на фондот ќе можат да користат итни и неопходни здравствени услуги и за истите ќе треба да платат само партиципација доколку тоа е предвидено во законските прописи на земјата во која се престојува. Во спротивно осигурените лица на ФЗОМ не подлежат на никакви трошоци за користените здравствени услуги.