-Имаме зголемен број на итни случаи од охридско-струшкиот регион, но и од југозападна Македонија поради туристичката сезона, и поради неработењето на општата болница во Охрид, вели д-р Митко Тилески, директор на специјалната болница „Св. Еразмо“.
Тој истакнува дека болницата работи со максимално оптоварување и доста тешко се справува со состојбата.
-Максималниот капацитет на стационарно лекувани пациенти е 200, а ние имаме и до 240 пациенти што лежат кај нас, а покрај тоа имаме и голем број амбулантни пациенти од Охрид, Струга и од другите краеви на земјата и доста е напорно за целиот персонал, но сепак некако излегуваме во пресрет на пациентите, а се со цел да пружиме адекватна здравствена заштита овој период, вели директорот Тилески.
Во специјалната болница „Св.Еразмо“, која се соочува со недостиг на медицински персонал, се третираат пациенти со трауматолошки повреди здобиени во сообраќајни несреќи не само од регионот, туку и од соседна Албанија.
-Имаме 24-часовна служба и работиме во три операциони сали, но се соочуваме со недостаток на персонал и очекуваме овој проблем да се реши во наредниот период во соработка со Министерството за здравство, истакна, д-р Тилески.
Тој изрази надеж дека во иднина болницата кадровски и технички ќе се екипира и опреми со што ќе може да одговори на зголемените потреби.