Македонската футсал репрезентација денеска патува за Словенија каде утре и задутре во Севница и Лашко ќе одигра две контролни средби со домашната селекција а потоа патува директно за Баку каде ќе учествува на квалификацискиот турнир од елитната рунда за СП 2012г.

По тој повод во ФФМ се одржа прес-конференција на која учествуваа селекторот Васко Скендеровски и капитенот Зоран Левески.

– Максимално сме подготвени за предизвикот на квалификацискиот турнир бидејќи знаеме што не чека. Во групата на „смртта” како што ја нарекуваат се три селекции учеснички на следното ЕП , Украина , домаќинот Азербејџан и Хрватска . Македонија е најдоброрангирана четврта селекција од сите групи. Што значи не очекуваат тешки натпревари на кои наша единствена цел е да одиграме добро, квалитетно и пред се да собереме што поголемо искуство за следните квалификации за ЕП- истакна селекторот Скендеровски.

Според него Украина е фаворит бр. 1, Азербејџан кој во своите редови има 5-мина бразилци исто така има силна екипа, додека Хрватска е доста мотивирана како домаќин на следното ЕП.

– Ние сме во одлична форма и серија од 6 победи. Ги совладавме Полска, Србија двапати, потоа на турнирот во Велес -Швајцарија, Франција и Црна Гора. Досега сме играле само со хрватите и тоа три средби на кои бевме исто толку пати минимално поразени. Токму против Хрватска ќе ја бараме нашата шанса за бодови иако со искуството што го имаме и желбата за надигрување ќе ја искористиме секоја шанса за изненадување- смета Скендеровски.

Футсал репрезентацијата на Македонија деновиве се подготвуваше на Маврово, а капитенот Зоран Левески е задоволен од сработеното и атмосферата во тимот.

– Навистина имавме одлични подготовки. Одигравме претходниве месеци натпревари со многу силни противници како Полска, Србија, Франција и покажавме дека имаме квалитет. Нашата цел со освојувањето на првото место на квалификацискиот турнир во Велес ја остваривме и сега ни преостанува растеретени да се обидеме да одиграме што поквалитетни дуели со силните противници. Атмосферата во тимот е одлична, здравствениот билтен максимално коректен , другото останува да го покажеме на теренот. Реално играме со многу поквалитетни селекции од нас но се надевам дека искуството од ваквите тешки средби ќе го искористиме за следниот квалификациски циклус за ЕП 2014г каде очекувам пласман на завршен турнир како прва фудбалска селекција од Македонија- ги откри своите очекувања Левески.

Украина, Азербејџан и Хрватска се рангирани меѓу првите 15 футсал селекции во ФИФА, додека Македонија е на одличното 41-во место.

Веднаш по прес конференцијата експедицијата замина со авион за Словенија.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ
10.12 (19.00ч) Словенија – Македонија (пријателски)
11.12 (17.00ч) Словенија – Македонија (пријателски)
15.12 (15.30ч) Македонија – Украина (квалификациски)
16.12 (18.00ч) Македонија – Азербејџан (квалификациски)
18.12 (15.30ч) Македонија – Хрватска (квалификациски)

Ohridnews