Македонскиот репрезентативец во мал фудбал Зоран Левески со либанскиот првак Ал Садака се подготвува за претстојните настапи во Азиската лига на шампиони, која од 26 јуни до 1 јули ќе се игра во Доха, Катар.


Зад Левески е успешна сезона во домашниот шампионат, двојна круна и пласман во шеснаесеттинафиналето од Лигата на шампиони со Железарец, додека со македонската репрезентација го помина првиот филтер од квалификациите за континенталниот самит. Левески е задоволен од приемот и е импресиониран од условите во клубот во Либан.

Неспоредливо е. Клубот има сопствена сала, фитнес-тренер, фитнес-центар, џакузи и сауна. Сé е подредено на фудбалерите за што подобра подготовка за мечевите. Одлично се вклопив во тимот, пред сé како играч, а исто така и како човек што им помага во организацијата за пријателските натпревари – вели Левески, кој покрај играњето, им помага како консултант во однос на футсалот.


Тотална енигма се мечевите во Азиската лига на шампиони за Левески, кој во својата кариера покрај тимовите во Македонија со кои играл во ЛШ, бил дел од српската лига.

Никогаш не сум имал можност да играм против најдобрите шампиони на Азија. Пред две години првакот на Либан учествувал меѓу осумте најдобри, ама не успеал да освои ниту еден бод. Групата во која ќе се натпреваруваме ни е потешката, па ќе бидам презадоволен со пласман во полуфиналето – рече Левески.


Огромен предизвик е пред охриѓанецот Левески, кој напомена дека адаптацијата ќе биде еден од главните проблеми со кои ќе се соочи тимот пред мечевите во Катар.

Се играат три натпревари за три дена. Ќе биде напорно во Доха, каде што се очекува температурата да достигне и до 50 степени. И покрај тоа што терените се климатизирани, нема да биде воопшто лесно. Со нас во група се иранскиот првак Схахид Мансоур, кој е повеќекратен освојувач на ЛШ, узбекистанскиот првак Ардус и тајландскиот ГХ Банк РБАЦ, со кои ќе бараме шанса за второто место, кое носи во полуфиналето – објаснува Левески.

Покрај Левески, во Либан замина и неговиот клупски другар и репрезентативец Ранготов, а од странците во клубот е уште и Бразилецот Сержињо. Поради правилото, кое вели дека за време на мечот на теренот може да игра само еден странец, Ранготов не го продолжи престојот и се врати во Македонија.

Репрезентативецот, кој е воодушевен од убавините во Либан, најголемиот дел од своето слободно време го минува со Сержињо.

Со оглед на тоа што само ние двајца сме странци, логично е најголемиот дел да бидеме заедно, одлично се дополнуваме и штета што нема да можеме задено да играме на теренот – вели Левески.

Левески вели дека ќе се обиде да го употреби својот авторитет и во наредниот период да се закажат пријателски средби со либанскиот национален тим.

М.Постоловски