ЈП „Охридски Комуналец“ продава народен имот вреден 500.000 евра заради ненавремено сервисирање на долговите, реагираат во соопштението до медиумите од Локалниот огранок на Левица во Охрид.

На 27.03.2024 година закажана е продажба во просториите на извршителот Гордана Џутеска од Охрид, преку усно јавно наддавање на недвижен имот на недвижности означени во лист В од имотен лист 88117 за КО Охрид 3 како: КП бр.14766 дел 2, на м.в. Бул. Туристичка, на зграда/ друг објект1, намена на зграда во стопанството, влез 2, кат ПР, број ДП, во површина 344 м.к.в. и КП.бр.14766, дел 2, на м.в. Бул. Туристичка, број на зграда/ друг објект 1, намена на зграда преземена во конверзија од стариот ел.систем, помошни простории, влез 1, кат ПР бр. ПП, во површина 23 м.к.в, посочуваат.

Поради недомаќинско и расипничко работење на сите досегашни директори на ова претпријатие, сегашниот директор на ЈП „Охридски Комуналец“, Сашо Најдески е во состојба да мора да го раскрчмува имотот на јавното претпријатие, со продажба на народен имот во Градскиот пазар – Охрид. Охридскиот локален огранок на политичката партија Левица, смета дека ова е навистина крајно застрашувачки што забрзано се продаваат јавни добра што ги поседува државата, наместо да се вложува во нови инвестиции. Сите значајни капацитети што ги поседува Република Македонија мора да останат државни и истите да служат во корист на државата и народот, велат од Левица Охрид.

Од Јавното претпријатие велат истото работи домаќински и одговорно, посочувајќи дека станува збор за закажано рочиште за усна јавна продажба на посочениот недвижен имот во извршна постапка која се води пред извршителот Гордана Џутеска.

Вака закажаната усна јавна расправа за продажба на недвижниот имот сопственост на ЈП „Охридски Комуналец“ е резултат на правосилни и извршни судски решенија и пресуди кои се однесуваат на долгови настанати во минатото. ЈП „Охридски Комуналец Охрид“, како одговорно јавно претпријатие кое работи исклучиво за подобрување на јавните услуги кои им ги пружа на граѓаните на Општина Охрид, ги има преземено сите правни мерки кои ни стојат на располагање согласно Закон, а се со цел од наша страна да биде овозможено доброволно исплаќање на долговите кои претпријатието ги има спрема своите доверители, потенцираат.

Што се однесува на актите донесени од страна на извршителот Гордана Џутеска во повеќето извршни постапки кои се водат пред неа, а поради кои долгови на ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид и е закажано рочиштето за усна јавна продажба, додаваат дека ЈП „Охридски Комуналец“ има поднесено редовни правни лекови пред надлежните судови против сите акти на извршителот чиј резултат е закажаното рочиште за продажба.

Н.С.Ј.