Ревизија на сомнителни детални урбанистички планови, социјална програма која вклучува вработување на жени жртви на семејно насилство, предност при вработување на самохрани родители, мерки за семејно насилство, бесплатен паркинг, заштита на животната средина од загадување… се само дел од активностите опфатени во изборната програма на Левица за Охрид за претстојните локални избори.
Ова беше посочено на денешната средба на претставниците од партијата Левица со граѓаните во Охрид на која присуствуваа претседателот проф. д-р Димитар Апасиев, пратеничката Јована Мојсоска, носителот на листа, Виолета Аврамоска, и останатите кандидати за советници.
На нашата советничка листа има повеќе кандидати жени, отколку мажи, односно 12 жени и 11 мажи, што е доказ дека жената не сака да биде само нем набљудувач на локалните политики, туку и активен креатор. Како партија во Совет на Општина Охрид изминатите 4 години, бевме единствените кои поднесувавме иницијативи со цел решавање на проблемите на граѓаните. Дел од иницијативите беа по барање на граѓаните. Од иницијативите кои се реализираа беше отворање на простор за деца со церебрална парализа во објект во поранешната касарна. Бевме најактивната политичка партија која на таков начин дејствуваше во Советот на Општина Охрид, за разлика од некои советници на кои 4 години ни гласот не им го слушнавме. Така ќе продолжиме и понатаму. Се надевам дека овојпат граѓаните ќе изберат помеѓу советниците кои воопшто не ги слушнаа и тие кои искрено и чесно се бореа за решавање на нивните проблеми и дека овојпат ќе бидеме најмалку со тројца советници во Советот на Општина Охрид, рече Аврамоска.
Дури и само со еден советник во советот на Општина Охрид се докажа дека Левица може да биде гласот на охриѓани, може да се подигне нивото на транспаретност и може да се слуште внатре гласот на обичните граѓани, истакна Мојсоска.
И токму преку Левица во изминатиот мандат беа поднесени бројни иницијативи дирекно во Советот на Општина Охрид. За жал, како што се случува и во Собрание заради заглавена теснопартиска суета, голем дел од нашите иницијативи беа одбиени и тука во Советот на Општина Охрид. Сега на овие избори очекуваме дека Левица ќе порасне со бројот на советници и ќе биде фактор без кој нема да може да се состави мнозинство во самиот совет и на тој начин единствено ние да можеме да бидеме фактор за да истуркаме повеќе проекти кои се дел од програмата на Левица и од интерес на граѓаните на Охрид, рече Мојсоска.
Периодов, додаде, власта води црна кампања за наводна коалиција на Левица со ДУИ, посочувајќи дека токму во Охрид во изминатиот мандат сведочат како владеачката партија ВМРО ДПМНЕ е во коалиција со советниците од ДУИ.
Јас сум убедена дека таа црна кампања против Левица нема да помине ниту на овие избори. Впрочем истата покажува дека власта се плаши и само го покажува и докажува нашиот раст кој мислам дека ќе кулминира и на овие локални избори, додаде Мојсоска.
Претставниците на Левица на средбата со граѓани во Охрид беа поздравени и од независниот кандидат за градоначалникот на Општина Охрид, Гоце Цветкоски.
Н.С.Ј.