Работниците на ЈП „Комуналец“ – Охрид, Божик и Василица ги поминаа без плата, обвинува партијата Левица. Изразуваат сомневање дека причина за неисплата на платите се доверителски односи со фирма блиска до ВМРО ДПМНЕ.
Дали е точно дека причината за ваквата состојба во ЈП „Комуналец“ е целосната исплата на сомнителниот тендер, склучен меѓу ЈП „Коминалец“ и битолската фирма „Грин-Тим“, тежок 153.496 евра, за изнајмување на метачки, за кој Левица веќе ја информираше охридската јавност? Дали е точно дека дел од износот, договорен со сомнителниот тендер, биле исплатени од сметката на Општина Охрид? Дали е точно дека сопственикот на битолската „Грин Тим“ е близок на структурите на ДПМНЕ, односно на вечниот пратеник, Александар Николоски и дека дел од средствата од овој тендер ќе бидат наменети за финансирање на неговата партија, иако овие средства се всушност народни пари? – прашува Левица во соопштението испратено денеска до медиумите.
Вработените секој месец земаат плата во законски предвидениот рок, така ќе биде и сега, бидејќи јавното претпријатие работи домаќински и одговорно, одговара на партиската прозивка директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Сашо Најдески, посочувајќи оти ниту еден доверител не е во повластена позиција.
Вработените во ЈП „Охридски Комуналец“ ги имаат сите права од работен однос согласно закон и на истите им се исплаќаат прекувремени, ноќни часови, работа во празник. Исплатени се сите јубилејни награди кои беа доделено за патрониот празник на ЈП. Точно е дека овој месец се доцни со исплатата, меѓутоа ќе биде запазен законскиот рок. ЈП исплаќа долгови кон доверители согласно средствата со кои располага, а со цел да има континуитет и непречено вршење на работните задачи. Ниту еден доверител не е ставен во повластена состојба во поглед на исплата на средства. ЈП работи домаќински и одговорно. – дециден е Најдески.
OhridNews