Покрај тоа што Владата гo усвои предлогот Охридското Езеро да биде заштитенo подрачје од трета категорија како споменик на природата и усвои информации за уредување на плажите и други зафати во градот што е во сериозна опасност да го изгуби статусот – подрачје под заштита на УНЕСКО, градот постапи спротивнo, обвинува политичката партија Левица.
Наместо да биде донесен План за управување во согласност со одредбите на Законот за заштита на природата, повторно почнаа со работа плажите кои во трка по профит го узурпираат со лежалки просторот којшто требаше да биде слободен, посочува партијата.
Огласот што беше распишан од локалната самоуправа за уредување на плажите беше за издавање на шанкови, но реалната ситуација е дека некои од објектите работат како ноќни клубови, велат од Левица.
Партијата укажува дека согласно закон при управувањето со светското природно и културно наследство во охридскиот регион се применуваат и одредбите од УНЕСКО и документи донесени на оваа Конвенција.
Според ваквите дејствувања, само бизнис елитата, односно профитерите од локалната и централната власт имаат интерес од ваквиот начин на уредување на охридските плажи дури и по цена на постојани негативни извештаи што Охрид ги добива од Комисијата на УНЕСКО, што укажуваат на опасноста Охрид да го изгуби статусот Град на УНЕСКО, истакнува Левица.
Локалниот огранок на Политичката партија Левица, апелира до инспекциските служби ефикасно, транспарентно и отчетно да ги извршуваат надзорите и соодветно да реагираат на терен.
OhridNews











