На шест охридски претставници во Собранието на Република Македонија од редовите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ од Охрид од 2020 година до 2023 година, за патни трошоци од буџетот на државата им биле исплатени 3.788.220.00 денари за патување на релацијата Охрид-Скопје, објави денеска партијата Левица.

На врвот од листата охридски пратеници на кои им е исплатен патен надоместок кој изнесува речиси милион денари се наоѓаат Александар Николовски од редовите на ВМРО ДПМНЕ и Жаклина Лазаревска – СДСМ, која и покрај тоа што потрошила речиси милион денари за патувања, поседува и два стана во Скопје. По нив доаѓа Лидија Петкоска – ВМРО ДПМНЕ која потрошила 891,973 денари и Лазе Таневски – СДСМ и покрај тоа што поседува два стана во Скопје, потрошил 788,675 денари. Кирил Пецаков – ВМРО ДПМНЕ од 2020 до 2021 потрошил 151,880, а за Грација Бакраческа достапни се податоци дека во 2021 потрошила 4.856 денари за патни трошоци, соопшти Левица.

Според оваа партија народните пратеници можат да патуваат на седници во парламентот и со редовен автобуски превоз, посочувајќи дека двајцата пратеници од Левица потрошиле 0 денари за патни трошоци.

Потсетуваме дека во 2021 година од страна на СДСМ и ДУИ беше одбиена точката за законски измени предложена од Левица да биде ставена на дневен ред, односно од вкупно 108 пратеници, 89 гласаа „ПРОТИВ”, што значи не беше изгласан Предлог на Законот од Левица за укинување на патните трошоци на пратениците (кои сега имаат плати над 100.000 денари) и кратење на противуставното т.н. право на апанажа на пратениците од Собраните на Република Македонија. На овој начин СДСМ и ДУИ бесрамно го ограбуваат и така осиромашениот народ, смета Левица.

Партијата Левица нема пратеник од Охрид.

OhridNews