Познатиот индиски милијардер Субрата Рој, кој пред неколку месеци беше во посета на Македонија, ќе гради модерен туристички комплекс од врвна светска категорија на Охридското езеро, кај Љубаништа.

Предлогот за инвестицијата вредна неколку десетици милиони евра веќе бил доставен до македонскиот премиер Никола Груевски и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Проектот што индиската компанија „Сахара Индија Паривар“ ќе го реализира во Македонија е наречен „Сахарајан Македонија“. Комплексот, кој содржи целосна еколошка студија, планирано е да се гради на површина од над пет илјади метри квадратни. Проектот за комплексот е на една од најјаките светски компании британската „Аткинс“, а предвидува изградба на туристички комплекс кој ќе содржи објекти за рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели, објекти за забава, казино на вода…

Како што пренесува „Макфакс“, „Сахара Индија Паривар“ е индијанска конгломерат-компанија со седиште во Лакнау, во индиската сојузна држава Утар Прадеш. Компанијата е основана 1978 година од страна на Субрата Рој Сахара во Горакпур, исто така во Индија.

Тие своите бизниси ги насочуваат кон финанскискиот сектор, инфраструктурата и станбеното прашање, медиумите и забавниот живот како и производство и информатичка технологија. Компанијата во март 2011 година имаше финансиска состојба од 26 милијарди долари.

„Сахара“ како компанија е голем промотор на спортот во Индија, па и во светот. Сопственици се на 42,5 отсто од акциите во Формула 1 Индија, а прогласени се за едни од 100те најдоверливи компании во Индија од страна на Советот за доверба и истражување на Индија.

Сопственикот на компанијата, Субрата Рој е именуван за еден од десетте највлијателни личности во Индија, заедно со неговата компанија.

Во делот на животното осигурување ја имаат „Сахара Индија Животно Осигурување“. Тоа е прва приватна, а и најмоќна осигурителна компанија, присутна скоро во секој дел од Индија. Фокусирани се на руралните и сиромашни делови на Индија, каде што му помагаат на населението.

Амби Воли градот е изграден во близина на Лонавала. Градот се простира на 10,600 хектари земјиште. Има целосна внатрешна патна инфраструктура и се смета за еко град. Има терени за спорт, рекреација, забава, како и има училишта, факултети, супер маркети, буквално се за да граѓаните се чувствуваат удобно.

„Сахара Индија Паривар“ низ целата држава гради станбени згради за домување. Тоа е затворен систем кој им нуди на жителите да се чувствуваат најудобно. Тие имаат изградено над 300.

Исто така, „Сахара“ се занимава и со градење премиум станбени комплекси, или елитни комплекси за живеење наменети од 10 до 30 хектари за секој. Тука има вили, мини згради, згради со станови, како и идеални бунгалови за живеење.

Во сопственост на компанијата е и „Сахара Мумбаи“ хотелот е со 5 ѕвезди со 412 соби и 13 ресторани кој се наоѓа во центарот на индиската финансиската престолнина Бомбај (поранешен Бомбај). Хотелот изобилува со терени за разни спортови, простории за забава, дискотеки, како и огромен аквариум низ кој чести се прошетки на гости и организирани туристички групи.

Во состав на конгломератот е и болничкиот комплекс „Сахара Хоспитал“ којашто е основана 2009 година и е најмодерната и елитна болница во Индија. Има околу 350 болнички кревети, а веќе е изработен проект со кој ќе се прошири до 550. „Сахара Хоспитал“, исто така, својот ланец го шири со болници во американската метропола  Њујорк.

„Сахара Маркетс“, пак, е синџир на огромни хипер маркети низ најголемите градови во светот како Лондон, Делхи, Дубаи, Доха, Мумбаи, Мелбурн, Њујорк и Лос Анџелес. Во нив, како што се наведува на официјалната интернет страница на компанијата, може да се најде буквално сé и сешто што му е потребно на едно современо домаќинство.

„Сахара Паривар Индија“, исто така, е регионален лидер и во ИТ технологијата со веб дизајн, мобилни апликации, бизнис програми и решенија, како и ИТ решенија.

Во делот на филмската и медиумската индустрија, конгломератот е сопственик на синџир кино сали со најврвна аудио и визуелна технологија, филмски градови, филмско студио за ефекти и целосна продукција и постпродукција за изработка на еден високо буџетен филм.

OhridNews
извор:„Макфакс“