Иницијативите утврдени во планот за приоритетни мерки, кој изминатиот викенд беше тема на регионалниот состанок во Охрид на кој учествуваа премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секул, воопшто не е алтернатива на аспирациите на сите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ, порачаа лидерите за земјите од опкружувањето.

– Акцискиот план со приоритети на кои ќе се посветиме во наредниот период е обезбедување услови за слободно движење на граѓаните само со лични карти. Дополнително за создавање предуслови за 24 часовно работење на границите со царински контроли во една точка и за меѓусебно признавање на фитосанитарните контроли на производите што се движат низ регионот за да се обезбеди брз и безбеден транспорт, да стигнат до пазарите во оптимално време за што во голема мерка ќе помогнат и брзите траки за камионите“, нагласи премиерот Заев.

Тој истакна дека регионалната соработка, вклучително и зајакнатата економска соработка е интегрален дел на напорите за обезбедување напредок, економски просперитет и олеснување на комуникацијата меѓу луѓето.

-Имаме документ кој гарантира понуда за широк спектар на граѓаните од целиот регион, како на пример признавање на професионалните компетенции на граѓаните во целиот регион за да можат да имаат еднаков пристап до пазарот на трудот во сите земји од регионот. Овие иницијативи се во целосна согласност со повеќегодишниот акциски план за Регионалната економска област, како и со активностите во останатите регионални иницијативи и ја прифаќаат улогата на Берлинскиот процес, како значаен двигател на регионалната соработка“, истакна премиерот Заев.

Според Заев оваа иницијатива и конкретните мерки и резултати ќе предизвикаат позитивно внимание и во Европската Унија и кај секоја од земјите членки на ЕУ.

-Оваа иницијатива ќе не факторизира како регион, и ќе ја факторизира секоја земја од Западен Балкан уште повеќе во процесот за членство во ЕУ. – потенцираше премиерот Заев.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека се работи за важна иницијатива за целиот регион.

-Кога ќе воведеме дежурства на инспекциите на границите и побрз транзит на камионите, а иако тоа го направиме само на некои од граничните премини заштефата изнесува дури 129 милиони евра. – рече Вучиќ.

Тој посочи дека инвеститорите ќе можат да разменуваат инженери, а работниците полесно ќе доаѓаат до работа.

-За две години ќе можете да видите раст на инвестициите во сите три земји. Граѓаните на Србија ќе може слободно да се движат и веќе од крајот на годината ќе може да влегуваат во Албанија само лична карта. – доаде Вучиќ.

Лидерите на Македонија, Србија и на Албанија истакнаа дека „,Малиот Шенген“ не значи формирање на нова Југославија, туку упростување на сложените процедури, кои според нив, ќе овозможат и заголемување на бројот на туристи во трите земји.

Следната регионална средба во Драч наредниот месец.

-Сакаме во Драч да ги видиме Црна Гора и БиХ кои ќе сакаат да влезат во овој процес, а во него да биде вклучено и Косово. Нема пречки претседателот на Косово, на пример, рамноправно да разговара со сите и да се договорат сите делови од оваа спогодба. – истакна албанскиот премиер Еди Рама.

OhridNews
фото: Емил Јовановиќ