.jpg)
-Министерството за внатрешни работи за прв пат во историјата на независна Македонија реализираше случај во кој е сузбиен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, односно суспендирање на вољата на граѓаните. Според досега прибавените докази во рамки на Оперативната обработка „Пуч“, осомничените лица, преку употреба на незаконски средства на следење и шпиунирање со упатување на сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги. – стои во соопштението.
Првосомничен е поранешниот директор на Управата за безбедност и разузнавање кој се товари за две кривични дела и тоа „Шпионажа“ од чл.316 ст.4 од КЗ на РМ и помагање при „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в чл.24 од КЗ на РМ. Второосомничена е неговата сопруга која му помагала при извршувањето на делата. Третососомничен е 53 годишен локален функционер од општина Струмица, кој се товари за „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в. со чл.24. четвртоосомничено е 40 годишно лице од Струмица, лидер на политичка партија, кој се товари за „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в чл.19 сторено во обид, информираше МВР.
Според полицијата, првопријавениот, во периодот од 2012 година до денес, прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на надлежни државни органи во Р.Македонија во форма на документи, фотографии, имиња на лица и други податоци кои што се однесуваат на општествено-политичките, економски, безбедносни состојби во Р.Македонија, со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација или лице што им служи. Во вршењето на кривичното дело активно му помогнала неговата сопруга, со ставање на средства на располагање за извршување на кривичното дело, како и на средствата со кое е извршено истото. Истата на својот службен компјутер на работното место, вршела превод на документи и податоци на англиски јазик, кои и ги давал осомничениот, за тој потоа преведени да ги предаде на странска држава, организација или лице што им служи.
-Четвртопријавениот остварил повеќе лични средби и телефонски комуникации со Претседателот на Владата на Република Македонија, на 28.09.2014 година, на 09.10.2014, на 31.10.2014 и на 17.11.2014 година. На средбите и комуникациите пријавениот на Претседателот на Владата на Република Македонија, јасно и децидно му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни, службени и државнички функции во Република Македонија. Заканата ја конкретизирал со тоа што од него како Претседател на Владата на Република Македонија и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, побарал да ги прифати неговите барања за формирање на „Техничка Влада“, а потоа да се распишаат предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија. За возврат пријавениот ветувал дека нема јавно да ги објави податоците. Ваквите податоци, четвртопријавениот ги добивал од првопријавениот, со кого остварил повеќе тајни средби, со посредство и помош на третопријавениот. информира МВР.
Поради постоење на основи на сомневање дека тројцата, сториле и превземаат дејствија на извршување на наведените кривични дела, како и поради веројатност дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, кои на друг начин не можат да се соберат, спроведувани биле посебни истражни мерки под контрола и надзор на надлежниот јавен обвинител.
По повод случајот, до јавноста попладнево се обрати премиерот на Владата и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. Тој рече лидерот на опозцијата при нивните средби побарал итно формирање на техничка влада и го информирал дека во соработка со странска разузнавачка служба прибавил снимки од телефонски разговори од целиот рдажавен врв, медиуми и опозција.
-Дел од телефонските разговори кои ми ги предочи беа точни, дел делумно точни, дел неточни.- рече Груевски, додавајќи дека истите биле прибавени нелегално, противзаконски и противуставно.
Тој истакна дека не може да поверува оти човекот кој претендира да ја води државата соработувал со странски разузнавачки служби, посочувајќи дека се работи за креирано сценарио во кое на крај цела држава треба да биде заложник.
– Во 24 години независност ниту еден политичар не направил такво нешто, дури и најкомпроминтираните. Вакви уцени и местенки не проаѓаат. Ние не сме Македончиња, туку Македонци.-рече Груевски, велејќи дека се прави огромна штета на македонската држава.
Премиерот најави рече дека ќе одговори на сите прашања во судската постапка, која, како што рече, ќе биде јавна и транспарентна и ја повика јавноста да го следи случајот.
-Од денес ќе слушате разни шпекулации но вистината ќе излезе на виделина, за се постојат цврсти докази.-заврши Груевски.
OhridNews












