ГФК Охрид Лихнидос денеска и гостува на Македонија Ѓорче Петров во натпревар од 8. коло во Втората македонска фудбалска лига.

Сино-белите во Скопје патуваат како лидери на табелата. По седум одиграни натпревари Охрид има пет победи, едно реми и еден пораз, односно 16 освоени бодови, со гол-разлика 16:6.

Во претходното коло охриѓани одиграа 2:2 со Брера Струмица на „Билјанини Извори“, во натпревар во кој уште од втората минута играа со фудбалер помалку и успеаја да се вратат од негатива од 0:2.

Македонија ЃП во пресрет на денешната средба е седмопласирана со 10 бодови од седум натпревари.

На врвот зад Охрид следуваат Работнички и Пелистер со по 15 бодови, а Брера Струмица има 14. Работнички има натпревар помалку.

Покрај дуелот Македонија ЃП – Охрид, денеска играат Работнички – Шкупи и Еуромилк Горно Лисиче – Новаци, додека Пелистер – Осогово е закажан за 18 часот. Натпреварите Камјани Камењане – Кожуф и Брера Струмица – Беласица се играат утре.

OhridNews