Лидерска средба, како прв чекор за излез од политичката криза, може да се очекува најдоцна до вторник, следната недела, но само ако има конкретни предлози.
Попладнево завршија билатералните средби на претставниците на партиите потпишнички на Договорот од Пржино, со евроамбасадорот Аиво Орав и со американскиот амбасадор Џес Бејли, во резиденцијата на Европската унија, во Скопје.

По средбите, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, Никола Тодоров, Артан Груби и Имер Алиу не сакаа да коментираат за средбата, додека Радмила Шекеринска од СДСМ вели дека има ситуација во којашто секое од прашањата коишто се дадени во Договорот од Пржино виси и „не смееме да дозволиме Македонија од една криза да навлезе во уште подлабока политичка криза“.  

„Според, нас, според опозицијата, ни треба час поскоро да се исполнат сите услови за одржување фер и демократски избори и тие избори да знаеме дека нема да бидат повторување на претходните криминални избори и да им дадеме шанса на граѓните на Македонија, а не на власта  да одлучува кој ќе ја носи одговорноста за Република Македонија во следниот период“, рече Шекеринска по средбата.

Бејли и Орав се оптимисти дека ќе дојдат до договор со партиите, по неколкунеделните средби и дека наскоро ќе се одржи и лидерска средба на која би се искристализирале работите.  

 „Со партиите имаме средби последните неколку недели и се надеваме дека во следните денови ќе имаме некаков напредок“, рече на заминување Бејли.
„Со партиите сме во близок контакт. Преговорите продолжуваат. Се надеваме дека што поскоро е можно да имаме договор“, рече Орав.

Премиерот Емил Димитриев, пак, од своја страна вели дека во принцип, сретнувањето и разговарањето е добра работа, меѓутоа треба да им суштина, треба да има конкретни работи за кои треба да се разговара.

„Во моментов имаме само нафрлање на одредени теми од различни адреси, меѓутоа треба прво да се договориме принципиелно дека треба да разговараме за датум за избори, за другите работи коишто се отворени и да се одржи таа лидерска средба. Ова е прашање до партиите, јас верувам дека во ситуации кога ќе имаме нешто поконкретно дека ќе имаме таква лидерска криза и конечно да најдеме решение за излез од политичкава криза“, рече Димитриев, по посетата на Општина Ѓорче Петров.

Инаку, партиите остануваат на своите ставови за лидерска средба, при што СДСМ смета дека се исполнети условите, а ВМРО-ДПМНЕ би присуствувал на таква средба, доколку претходно се знае темата и планот за средбата. ДУИ смета дека лидерска средба треба да има зашто тоа е во интерес на граѓаните, а за ДПА таква средба би била несериозна, бидејќи нема да понуди ништо за излез од кризата.

Од своја страна, Европската комисија, вчера соопшти дека лидерска средба ќе има до крајот на неделава.

OhridNews
извор Макфакс