На 17-ти јануари 2015 година, со почеток во 20 часот, во Versus Lounge bar во Струга, „LifeStyleFactory“ на македонската дизајнерка Тања Добровоцки ќе ја претстави својата прва изложба во Струга.

Посетителите на изложбата ќе можат да ги видат сите нејзини досегашни производи претставени преку дрвени макети. На овој начин ќе бидат презентирани неколку модели од: масите „EthnoCube“, „PixelMe“, „DarkForest“ и „Zen II“, столиците „Caleidoscope“ и „Muse“, како и полицата „Архитектура“. Покрај макетите, со потписот на „LifeStyleFactory“ ќе бидат изложени и 6 чинии со карактеристични македонски етно мотиви, а ќе биде прикажано и видео од процесот на изработка и начинот на употреба на предметите.

Минатата година младата дизајнерка, со постер од решението за нејзината маса „EthnoCube“, учествуваше на изложбата „Das ist Walter“, во истата галерија, на која беа избрани четворица победници. Гласањето од изложбата ја пласираше Тања Добровоцки меѓу првите четворица, со што и се овозможи учество на изложбата во Берлин, а потоа и самостојната изложба во Скопје.