Македонската фудбалска репрезентација ја прокоцка првата меч топка за обезбедување на првата позиција во 4-та група од Д лигата, откако изгуби на гостувањето во Ерменија (4-0) од истоимената селекција во рамките од четвртата рунда.

„Црвено жолтите“ потфрлија во целина, а домашната селекција ги казнуваше сите грешки на нашата селекција. Лошата вечер во Ереван ја најави Столе Димитриевски кој киксна во 12-минута и и` подари водечки погодок на Ерменија.

Во вториот дел репрезентацијата на Македонија се распадна и го одигра најслабото полувреме во ерата на Игор Ангеловски. Нападот воопшто не се закана, а одбраната со почетнички грешки им дозволуваше чисти прилики на домашните фудбалери. Ерменија во 67-та минута погоди за 2-0, во 81-та минута зголеми на 3-0, а во судиското продолжение постигна уште еден погодок за убедлива победа.

Македонија и покрај поразот останува на првата позиција, но со една голема лекција пред решавачките два натпревари и плејофот кој следува.

OhridNews