Започнаа од третото претквалификациско коло, беа отпишани во плејофот против Динамо, а славеа во Загреб. Наместо сигурен марш, низ иглени уши се протнаа во групната фаза. Тука имаа можност да играат против топ тимовите и поранешните европски прваци, а само еден бод им недостигаше да се најдат во елиминациите. Ненад Бјелица кој на клупата на Австрија Виена дојде на стартот на новата сезона, вели дека со две раце би прифатил, доколку некој тоа му го понудел на стартот од сезоната.

– Ако некој на почетокот на сезоната во Јули ни понудеше пласман во Лигата на Шампиони и пет бода во групата со две раце ќе го прифатевме.  Започнавме во претквалификациите, стигнавме до елиминациските мечеви против Динамо. Бевме задоволни со пласманот во Уефа лигата, но си рековме дај да се обидеме да стигнеме до елитата. Откако го елиминиравме Динамо, рековме ајде да пробаме да стигнеме до некој бод, па потоа го дадовме и првиот гол и ете на крајот стигнавме и до победа во елитната конкуренција – ја започнува својата страна од приказната Ненад Бјелица, хрватскиот стратег  на клупата на Австрија.

Победата над Зенит од 4-1 е прва победа за австриски тим во Лигата на Шампиони од 2001 година, а најголем триумф на виолетовите во клупската историја во меѓународните мечеви. Лигата на Шампиони е огромно задоволсто кое може само да се доживее.

–  Да, убаво е да се биде дел од Лигата на шампиони. Овие мечеви се од непроценливо искуство, за мене, за играчите воопшто за сите во клубот. Ние сме дебитанти и сигурно дека ни недостигаше искуството. Но доста научивме, сега сме позрели, но и пожедни за нови предизвици. Ќе направиме се да стигнеме до титулата во Австрија и повторно да бидеме дел од елитното натпреварување. Тогаш ке се обидеме да направиме и чекор напред – истакна Бјелица.

По освојувањето на титулата лани, и пласманот во Лигата на шампиони фудбалерите ги зафати летаргија, која Бјелица со шок терапија мораше да ја лекува. Кулминираше по поразот од Рапид на домашен терен со 1-0.

–  Морав така да реагирам, им кажав на играчите дека ќе биде или тие или јас. И ако јас се прашувам, кој сака да работи, кој сака да биде дел, ќе мора добро да го испоти дресот и на тренизите. Тие живеаа на стара слава, откако и самите увидоа дека нема фајде од тоа и сериозно ме сватија, се врати и победничката атмосфера во составот. Тоа секако резултираше со серија позитивни резултати во бундеслигата, како и последните два меча во лигата на шампиони, реми со Порто на гости, како и триумф дома над Зенит.  – посочи Бјелица.

Една победа две ремија и три порази во дебитантскиот настап се повеќе од солиден резлтат за “моторот” на виолетовите Марко Станковиќ, кој поради повреда пропушти два меча во лигата на Шампиони. Настапот во Лигата на Шампиони го нарече историски.

–  За нашиот клуб ова е историски настап, никогаш не сме играле во Лигата на Шампиони, и затоа ова е огромен успех. Чест ми е што бев дел од оваа екипа кој играше во Лигата на шампиони и успеа да забележи солидни резултати. Не знам дали некогаш повторно Австрија ќе игра во Лигата на шампиони и сето ова ќе може да се повтори. Видовме дека можеме да се носиме и со силните тимови кои играат во шампионската лига – истакна моторот на тимот на Бјелица, Марко Станковиќ.

И Станковиќ и Бјелица знаат дека парите го вртат светот, покрај големото искуство на контото на австрискиот клуб ќе се слеат „други“ илјади евра. Самото учеството во групната фаза вклучувајќи ги телевизиските права ќе им донесе околу 15 милиони евра.

Трите меча на домашен терен со просечна посетеност од 40 илјади гледачи се екстра профит, а едната победа и двете ремија, ќе им донесат уште ни малку ни повеќе туку 2 милиони евра.

 

Од Виена, Австрија

Мирко Постоловски