Пештерската црква „Св. Петка“ во охридското село Велгошти,  низ вековите важела за мистично место каде голем број луѓе доаѓале да се помолат и да побараат лек за својата мака.

И денеска, овој манастирски компекс привлекува внимание како на жителите на Охрид, така и на пошироката јавност. За оваа црква, врзани се бројни необични случки кои на некој начин го оживуваат ликот на „Св. Петка“.

Една таква необична појава, деновиве забележала нашата сограѓанка Катерина Стојаноска. На дрвото непосредно пред влезот на верскиот храм, таа воочила силуета на светец со  христијански детали, вдлабната во една од гранките.

Често пати доаѓам во црквата „Св Петка“, претежно во петок. Пред некој ден, дојдов заедно со моите најблиски. Овој пат ми се случи нешто необично. Се качувавме нагоре и вниманието ми го одвлече едно дрво на десетина метри од црквата, на кое јасно се гледа икона со ликот на светицата.“ – вели Стојаноска.

За оваа појава, таа го известила човекот кој работи во верскиот објект, но и нејзиното момче од Скопје, кое дошло да го види феноменот.

Моето момче Ице, дојде специјално од Скопје да го види феноменот. Тој, како и оние кои до сега ја забележале појавата, го потврдија она за кое што зборувам. Како православна христијанка и голем верник, се надевам дека ова не е случајно, а светицата ќе ми донесе здравје, успех и вработување, бидејќи сум невработена.“ – вели Катерина Стојаноска, која е професорка по физичка култура.

Објективот на нашиот фото-апарат, ја долови иконата вдлабната во дрвото, а на читателите останува да проценат дали се работи за феномен, чудо или природна појава.

Инаку, православните христијани празникот посветен на Света преподобна Параскева (Св. Петка) го одбележуваат на 8-ми автугст.

O.T.