Кон ликовната изложба на Наташа Попоска – Карче, Охридско лето 2022

Во рамките на фестивалот Охридско лето, во предворјето на црквата Св. Софија, се одржа самостојната изложба на Наташа Попоска – Карче со заеднички наслов Сликам со тебе и поднаслов Приказна од душата.

Изложбата на Наташа Попоска – Карче изобилува со колорит, страст и емоции. Во ликовните дела (масла на платно) главно се присутни пејзажи, со нагласка на Охридското Езеро, охридското крајбрежје и охридскиот амбиент. Посебно се импресивни охридските езерски бранови, каде може да се воочи и согледа ликовната прецизност и мајсторство на сликарски ликовен план.

Наташа Попоска Карче се претстави со избрани дела кои се вистински искрен, доживеан и искуствен изблик на душата. А, насловот на изложбата Сликам со тебе, не само што е инструктивен, туку е илустративен, односно го посочува и манифестира и соучесништвото при создавањето и доживувањето на уметничкиот чин. Во овој случај, секој посетител како набљудувач може да ја продолжи и надополни ликовната приказна со свое доживување, искуство, проекција, дискурс и визура.

Во ликовните дела на Наташа Попоска – Карче има реалитет, но и имагинација, поточно – презентиран е светот што не окружува како визија и фантазија, но и сведоштво, доказ и факт. Всушност, наизменично се преплетуваат и с(к)лучуваат присутноста и отсутноста, па глетките и видиците не само што се појавуваат и регистрираат, туку и (речиси истовремено) се отклучуваат и заклучуваат.

Наташа Попоска – Карче е виртуоз на боите, па нејзините бранови, кајчиња, стебла… привлекуваат и облагородуваат. Оваа изложба е тематска – посветена е на природата и флората, а во некој следен циклус и изложба можеби ќе бидат присутни човекот и фауната, зашто иако сега (на оваа изложба) тие изостануваат – имавме впечаток дека и нив ги има, иако се имагинарни и невидливи.

Честитки за вложениот труд и остварениот резултат и искрено посакување за нови средби со ликовните дела на охридската сликарка Наташа Попоска – Карче.

проф.д-р Христо Петрески