На 09.01.2026 во 19:30 часот од страна на полициски службеници од полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, во рамки на Регионален центар за гранични работи Запад, лишени се од слобода две лица од селото Пештани, охридско.

При преземање на зајакнати мерки и контроли во водите на Охридското Езеро за време на мрест и забрана за лов на риба од видот пастрмка, белвица и јагула, од страна на полициските службеници во координација со рибочуварска служба, на 100 метри од брегот во селото Пештани затекнат е чамец во кој биле двете лица, велат од СВР Охрид.

При извршениот преглед во пловниот објект пронајдени се шест рибарски мрежи со должина од околу 720 метри со улов од 585 парчиња риба белвица со вкупна тежина од 106,8 кг. Известен е јавен обвинител и по негови насоки лицата се лишени од слобода и донесени во полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро за понатамошна постапка. Предметите и пловниот објект се одземени, а уловот по проценка од стручни лица од Хидробиолошки завод Охрид утврдено е дека е во фаза на расипување и по насоки од инспектор од Агенција за храна и ветеринарство е предаден на Здружение на ловци Охрид, каде со полициско присуство, на соодветно место е уништен, посочуваат од СВР Охрид.

OhridNews