Традиционално и оваа година на 7 мај, во градот на поезијата, во Струга ќе се одржи сенародната Струшка Еордија (Литија), со моштите на „Свети Георгиј Победоносец” и неговата чудотворна икона. Пред почетокот на Литијата во храмот на Св. Георгиј во Струга, со почеток во 16 часот, ќе биде отслужена ктиторска вечерна богослужба.

Оваа година, наместо Крнинската икона на Мајката Божја, во литијата ќе биде вклучена Богородичната икона „Гликофилуса“, која неодамна пристигна во Бигорскиот манастир. Така, верниците, освен на моштите на светиот Георгиј Победоносец, кои за оваа прилика по традиција се носат од нашиот манастир во Рајчица, ќе имаат можност да се поклонат и на иконата на Мајката Божја „Гликофилуса“, како и на древната чудотворна струшка икона на Светиот Георгиј, изјави сестра Ефимија.
Традиционално, моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ на раскошно украсен епитаф од манастирот посветен на светецот во Рајчица ќе пристигнат во Струга ден по Ѓурѓовден и ќе бидат поставени за поклонение во храмот „Свети Георгиј“ во Струга. По отслужената ктиторската вечерна богослужба, литијата ќе тргне од храмот „Свети Георгиј Победоносец“ во Струга, предводена од локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, со традиционалните торжества, ќе поминат низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и ќе го осветат градот.

На чело на Еордијата ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Богородичната икона „Гликофилуса“, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, епископот Антаниски г. Партениј, а годинава, на наша особена радост, најавено е присуството и на неговото блаженство архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан, истакна сестра Ефимија.

Верниците и сите добронамерници ќе се движат после гардата, а оние што не можат да се вклучат во Литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија и цвеќиња во рацете ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!”.
OhridNews











