Традиционално и оваа година на 7 мај, во градот на поезијата, во Струга ќе се одржи сенародната Струшка Еордија (Литија), со моштите на „Свети Георгиј Победоносец” и неговата чудотворна икона.

Сестра Ефимија, од женскиот манастир во Рајчица, вели новина годинава е вклучувањето на иконата на Мајката Божја „Гликофилуса“, идентична реплика на првообразната Гликофилуса (Слаткољубива, или умиление) од Света Гора, која неодамна беше донесена во Бигорскиот манастир од Солун. На литијата најавено е и присуство на неговото блаженство архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан.

Оваа година, наместо Крнинската икона на Мајката Божја, во литијата ќе биде вклучена Богородичната икона „Гликофилуса“, која неодамна пристигна во Бигорскиот манастир. Така, верниците, освен на моштите на светиот Георгиј Победоносец, кои за оваа прилика по традиција се носат од нашиот манастир во Рајчица, ќе имаат можност да се поклонат и на иконата на Мајката Божја „Гликофилуса“, како и на древната чудотворна струшка икона на Светиот Георгиј, изјави сестра Ефимија.

Традиционално, моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ на раскошно украсен епитаф од манастирот посветен на светецот во Рајчица ќе пристигнат во Струга ден по Ѓурѓовден и ќе бидат поставени за поклонение во храмот „Свети Георгиј“ во Струга. По отслужената ктиторската вечерна богослужба, литијата ќе тргне од храмот „Свети Георгиј Победоносец“ во Струга, предводена од локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, со традиционалните торжества, ќе поминат низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и ќе го осветат градот.

Според традицијата, и годинава поворката ќе ја води церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време. Дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.

На чело на Еордијата ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Богородичната икона „Гликофилуса“, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, епископот Антаниски г. Партениј, а годинава, на наша особена радост, најавено е присуството и на неговото блаженство архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан, истакна сестра Ефимија.

Потоа, додаде, доаѓа и најголемата светиња – моштите на светецот во раскошно украсен епитаф, кои ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.

Верниците и сите добронамерници ќе се движат после гардата, а оние што не можат да се вклучат во Литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија и цвеќиња во рацете ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!”.

OhridNews