Илјадници верници се поклонија пред моштите на Св. Георгиј и чудотворната икона посветена на овој светец, кои традиционално на овој ден се изнесуваат од во храмот Св. Георгиј во Струга од каде со литија минуваат низ улиците на градот.
Претходното во црквата посветена на заштитникот на градот се одржа богослужба со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј, во сослужение со владиката Агатангел, монасите од Бигорскиот и монахињите од манастирот Рајчица, каде инаку се чуваат моштите на светецот.
-Ова не е обична литија, туку величествен настан од кој зрачи посебна духовност.Цело време додека трае литијата Св. Георгиј е присутен со нас и го благословува народот, но и градот Струга.-истакна сестра Варвара од манастирот Св. Георгиј Победоносец-Рајчица.
Струшката литија или еордија е древен настан. Познатиот хроничар од Струга Јоне Кленко вели дека традицијата влече корени од периодот пред доаѓањето на османлиите на овие простори. Тогашното население се сплотувало во мака и така се штитело од разни непријатели и непогоди.
-На овој ден во црквата Св. Ѓорѓија се одржувала тајна средба на претставници од сите реони кои се договарале и ги решавале проблемите.-раскажува Јоне Кленко.
Раскошната поворка со чудотворната икона на светецот и неговите свети мошти, во струшката чаршијата беше поздравена од најмладите кои со цвеќе го посипуваа патот по кој во песна чекореа свештените лица пратени од верниците.
Моштите на Св. Георгиј Победоносец се донесени во Македонија во 2003 година од Светогорскиот скит Кавсокаливија, преку архимандриотот Епифаниј од Атина. Подарени му се на архимандриото Партениј за метохот на Св. Георгиј Победоносец во с.Рајчица, Дебар. Овие мошти се надалеку познати по своето чудотворство и исцелителност.
Инаку оваа древна духовна традиција, која има долга традиција во Струга, беше обновена во 2009 година.
Г. Момироски