Веќе 60 години во Охрид функционира локалното Здружение на глуви и наглуви лица, чии членови преку низа активности во текот на годината ги споделуваат своите искуства од различни области.

Меѓународниот ден на глувите во светот, 28-ми септември, беше одбележан со спортско рекреативни игри во охридскиот хотел Далјан, каде членовите на здруженијата од цела Македонија барем на еден ден заборавија на своите проблеми.

Националниот сојуз на глуви и наглуви од Македонија го одбележа овој ден со спортско рекративни игри, каде од секое локално здружение учествуваа по тројца претставници во машка, односно женска конкуренција. Учесниците беа сместени во хотел Далјан, а во саботата беа оддржани игрите. Тие не беа од натпреварувачки, туку од забавен карактер. Беше тоа прекрасен и сончев ден, каде сите се дружеа и барем еден ден заборавија на грижите со кои се соочуваат секојдневно.“ – вели Славица Стефановска од локалното Здружението на глуви и наглуви лица.

Како што објаснува Стефановска, овој Светски ден се одбележува со цел зголемување на свеста кај луѓето за овие лица кои се различни од повеќето, чиј најголем проблем претставува комуникацијата и достапноста на информации.

Во склоп на настанот се оддржа и другарска вечер на која скромни подароци во вид на маици и признанија добија најдобрите на игрите. Овој ден не е за славење, туку потсетување дека меѓу нас живеат луѓе кои се различни.“ – објаснува Стефановска.

Секој четврток, 50-тина активни членови ги посетуваат просториите на локалното Здружение на глуви и наглуви лица, каде меѓусебно се дружат и комуницираат.

Ние сме старо здружени кое постои 60 години, а во кои имало подеми и потешки години. Но ние сме упортни во своите активнсоти. Она што сме го испланираме го спроведуваме бидејќи нашиот начин на работа не е кампањски. Секоја недела и секојдневно сме им на располагање на своите членови, со цел реализација на најосновните животни проблеми, кои можеби се ситни, но за нив значајни.“ – вели Стефановска.

Таа додава дека радува најавата на Министерството за труд и социјална политика, со која од 1-ви јануари глувите лица со најголем степен на оштетеност ќе добиваат месечна парична надохнада од 4000 денари.

Се уште тоа е во постапка, но се надеваме и сме сигурни дека тоа ќе се реализира, а потоа како здружение ќе се бориме околу изготвување на документи и аплицирање, а со тоа олеснување на животот на оваа категорија на луѓе.“ – додава Стефановска.

За последното тримесејче од оваа година, предвидена е традиционалната риболовска средба на која учество ќе земат членовите на Здруженијата на глуви и наглуви од цела Македонија.

Оваа средба е предвидена за крајот на ноември или почетокот на декември. Сенадеваме дека во каналот ќе има доволно плашица, за да можат риболовците да си ја покажат својата умешност. Ќе учествуваат машките натпреварувачи, а единствено нашето Здружение ќе партиципира со учесници од понежниот пол.“ – истакнува Стефановска.

Инаку, во Охрид има околу 140 граѓани, кои се регистрирани во локалното Здружение на глуви и наглуви лица. Од нив, околу 50 активни членови секојдневно го посетуваат овој центар, каде можат меѓусебно да се дружат и комуницираат

О.Т.